РЕДОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРИСУСТВОТО НА ПОЛЕН ВО ВОЗДУХОТ
На веб-страницата на Град Скопје, www.skopje.gov.mk, секоја среда во наредните 12 месеци ќе се објавуваат податоци за присуството и концентрацијата на најзначајните алергени видови полен во воздухот. Оваа активност е дел од проектот “Намалување на преваленцијата на алергиите и следење на алергогени и инвазивни таксони во Градот Скопје”. Проектот е поддржан од Градот Скопје, а е во реализација на невладината организација „Женска акција“.
Алергиските заболувања денес претставуваат голем здравствен проблем во целиот свет, особено во големите урбани центри, а кај нас покажуваат растечка тенденција. Поленовите зрна кои се носители на алергогените својства, се предизвикувачи на поленозите, кои најчесто се манифестираат како алергиски ринитис, астма, конјуктивитис и уртикарија. Во Република Македонија преваленцијата на алергиските болести е проценета на 35,6 отсто. Се претпоставува дека овој процент е поголем, особено во периодите на поленовата сезона, кога месечната инциденца во записите на амбулантите е над 80 проценти.
Основната задача на овој проект е да се направи сериозен исчекор напред во здравствената политика, со тоа што ќе се следат и евалуираат податоци и информации и ќе се информира јавноста за присуството на полен во воздухот.
Проектот “Намалување на преваленцијата на алергиите и следење на алергогени и инвазивни таксони во Градот Скопје” се спроведува во соработка и со граѓанската организација „ЕКГ“, Советот на Европа, „Плимонт” и Институтот за медицина на трудот на Република Македонија.
Аеропалинолошките анализи кои ќе се објавуваат на интернет-страницата www.skopje.gov.mk ги изведува докторот на биолошки науки Снежана Милковска, единствен аеробиолог во Република Македонија.