MK | EN | SQ

skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје

ГРАДОТ СКОПЈЕ Е МЕЃУ ТРИТЕ ЕВРОПСКИ ГРАДА СО НАЈДОБРА ОДРЖЛИВА МОБИЛНОСТ

Градот Скопје е меѓу трите европски града со најдобри решенија за одржлива мобилност, заедно со градовите Лисабон (Португалија) и Малме (Шведска).

Наградата на Европската недела на мобилност 2016, којашто оддава признание на локалните власти кои вложуваат напори за подобрување и промовирање на одржливиот урбан транспорт беше доделена вчера /20.03.2017 година/ во Брисел, а му припадна на градот Малме.

На доделувањето на наградата на Европската недела на  мобилност 2016 присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

- Ми претставува големо задоволство што Градот Скопје влезе меѓу трите европски града со најдобра мобилност за 2016 година, односно е финалист за престижната награда на Европската недела на мобилност. Проектите кои успешно ги реализираше Градот Скопје и по кои не оценуваше Европската комисија се пред се во подобрувањето на јавниот автобуски превоз, односно воведувањето на Системот за автоматска локација на автобусите и електронска наплата на билетите, како и вклучувањето на приватните превозници во единствениот систем за јавен превоз во градот; функционирањето на Центарот за управување и контрола на сообраќајот којшто контролира 90 крстосници во градот, набавката на електромобили; изградбата и реконструкцијата на две велосипедски рути кои се протегаат од едниот крај на градот до другиот, како и нашите активности за промоција на велосипедот како превозно средство. Европската комисија го препозна напредокот во Скопје во однос на одржливата мобилност и ни даде поттик и во периодот што е пред нас посветено да работиме во интерес на граѓаните и на подобрување на условите за одржливо движење во градот – рече вчера градоначалникот Коце Трајановски.

Наградата на Европската недела на мобилност се однесува на петнаесеттото издание на Европската недела на мобилност (ЕНМ) што се одржа од 16 до 22 септември 2016 година, а во кое се вклучија 2.427 града, што е најмасовно учество во оваа манифестација досега.

Независен панел експерти од областа на мобилноста и транспортот издвоија 10 кандидати и три финалисти меѓу поднесените 63 апликации од 23 земји. Во потесниот избор градови влегоа и: Бјалисток (Полска); Крушевац (Србија); Палма (Шпанија); Прага (Чешка); Самос (Грција); Софија (Бугарија) и Валенсија (Шпанија).

Според Европската комисија, Скопје се истакна со својата долгорочна визија за одржливи начини на превоз, напредок во обезбедувањето подобри транспортни услуги за граѓаните, како и посветеноста на проектот SOCIALCAR кој на граѓаните ќе им овозможи да го споделат своето возило со другите, да заштедат пари за превоз и да ја заштитат животната средина.

Значајно е да се нагласи дека Градот Скопје досега ги спроведе следните трајни мерки за подобрување и промоција на одржливата мобилност во градот, и тоа: Градот Скопје, во рамки на проектот SocialCar, финансиран од Програмата за истражување и иновација на Европската комисија – Хоризонт 2020, започна со воведување нова активност - „Сподели возило“, односно воведување начин на транспорт од една до друга локација преку споделување на своето возило или организирано заедничко патување во иста насока и време; Во автобусите на јавниот превоз е воведен Систем за електронска наплата на билетите и автоматска локација на возилата; Воведени се нови автобуски линии на ЈСП, а според потребите на граѓаните зголемен е интензитетот на одредени линии на ЈСП; Градот Скопје и Владата на Република Македонија најавија набавка на 50 нови електрични автобуси, од кои 20 електрични автобуси ќе бидат зглобни, а 30 електрични минибуси;  Функционира Центарот за управување и контрола на сообраќајот, којшто контролира 90 крстосници во градот; Намалена е максимално дозволената брзина на возење од 60 на 50 км/час, а максималната брзина на возење во паркинг-зоните на населбите е ограничена на 30 км/час; поставени се препреки на улиците покрај училиштата („лежечки полицајци“), освен на улиците по кои сообраќаат автобусите на јавниот транспорт; изграден е пешачки натпатник преку автопатот Скопје – Петровец, меѓу населбите Хиподром и Инџиково; изградени се нови кружни текови кај Порта  Влае и во населбата Автокоманда; изградена е катната гаража „Тодор Александров“; изграден е детски-велосипедски полигон во Паркот „Македонија“; Градот Скопје набави 5 електроскутери, 5 електровелосипеди и 1 електричен автомобил за потребите на градската администрација, а заедно со ЈП „Градски паркинг“ ги отвори првите станици за полнење електрични возила во Скопје, во двете катни гаражи; Градот Скопје набави 12 електрични возила за туристичко разгледување на знаменитостите во центарот на градот, 10 електровелосипеди и 5 електротротинети; Уреден е нов плоштад пред црквата „Пресвета Богородица“ (претходно тука се наоѓаше сообраќајница и крајна станица за одредени автобуси за приградски превоз); Оформен е паркот „Македонија 2“, по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов (површината претходно беше запуштена, со неуреден паркинг-простор и приодна сообраќајница); Во општината Аеродром е изграден нов парк на булеварот Февруарски поход, на површина од 100.000 квадратни метри (порано тука се наоѓаше автобуски терминал за почетна и крајна станица за дел од автобусите од јавниот градски сообраќај, неформален паркинг и улица); Плоштадот Филип Втори е дооформен и во делот пред црквата „Свети Димитрија“ и во делот кон Музејот на Холокаустот (таму претходно се наоѓаше паркинг и сообраќајница) и многу други проекти за подобрување на мобилноста.

Назад   

Креиран од UserAA на 21.03.2017
ИНСТИТУЦИИ

 

        

 


 

НАЈАВИ

Facebook

Twitter

Youtube Channel

FUPOL

 

 


Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 9373924