MK | EN | SQ

skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје

ПРОМОВИРАНА ПРВАТА СТРАТЕГИЈА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ НА ГРАД СКОПЈЕ

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Луиза Винтон, денеска /04.04.2017 година/ присуствуваа на промоцијата на првата Стратегија за климатски промени на Град Скопје.

Овој значаен документ со наслов „Отпорно Скопје“ е изработена од експерти и граѓани и содржи сеопфатни анализи, препораки и мерки што би требало да се спроведат во наредните пет години за успешно справување со климатските промени и јакнење на урбаната отпорност.

- Промената на климата е глобален проблем, но последиците се чувствуваат онаму каде што се и причините за нив, на регионално и локално ниво. Современите градови кои забрзано растат и се развиваат и се дом на повеќе од 60% од светското население особено ќе ги почувствуваат последиците од екстремните временски непогоди кои негативно ќе влијаат врз животот во урбаните средини, ќе предизвикуваат несогледлива материјална штета и загуба на човечки животи. Доколку реакциите на климатските промени не бидат навремени и системски планирани, трошоците за мерките за адаптација ќе бидат далеку повисоки. Имајќи го ова предвид, Градот Скопје се ангажираше да изработи Студија за климатски промени – Отпорно Скопје, која денеска ја промовираме пред јавноста со особено задоволство. Стратегијата е подготвена со техничка и финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Стратегијата содржи сеопфатни анализи, препораки и акции за подобро справување со климатските промени, за нивно намалување и адаптирање, како и за јакнење на урбаната отпорност. Во Стратегијата се опфатени акциите за намалување на причините за климатските промени, базирани на изработениот Инвентар на стакленички гасови за 2008 и за 2012 година, пресметани за трите главни сектори: снабдување со енергија, згради и транспорт. Притоа, земени се предвид веќе преземените активности од Градот Скопје во различни области: енергетската ефикасност, јавниот транспорт, подобрувањето на условите за одвивање на сообраќајот, развивањето на алтернативниот сообраќај, заштитата на воздухот и на водите, комуналните услуги, јавното зеленило, заштитата на здравјето на луѓето, помошта за ранливите групи и лицата со посебни потреби и др. Акцискиот план на Стратегијата предвидува голем број активности во сите области, при што, највисок приоритет имаат превенцијата и заштитата од поплави и зелената инфраструктура. Висок приоритет е даден на: Воспоставување и унапредување на системот за предупредување; информирање и подигање на свеста, како и други институционални и организациски мерки, Урбанистичко планирање заради заштита од поплави, Заштеда на чиста вода за пиење, реупотреба, одведување на отпадни и атмосферски води, Формирање и рехабилитација на јавните зелени простори – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.

Во таа насока, нагласи Трајановски, посебно важен документ за Градот Скопје е изработката на Зелениот катастар, којашто е во тек.

- Целта е воспоставување сеопфатен информациски систем за зелените површини во Скопје и регулирање и управување со севкупниот систем на зелените површини на градот. Зелениот катастар ќе биде жив, интерактивен документ, во прилог на подобрување на активностите на ЈП „Паркови и зеленило“ и на транспарентност и достапност на податоците и увид во состојбите за граѓаните. Имплементацијата на предвидените мерки за успешно справување со климатските промени бара организирана акција на Градот Скопје и скопските општини, но и на ресорните министерства, стручните институции и организации, како и на сите граѓани на Скопје. Во моменти кога се зборува за климатските промени и за предизвиците што се исправаат пред нас, ќе го цитирам Ричард Давсон, авторитет во оваа сфера, кој парафразирајќи го Чарлс Дарвин, вели: „Нема да опстанат најсилните градови, туку оние што најдобро ќе се приспособат на промените”. Оттука, вербата дека Скопје ќе биде дел од тие градови ја засилува и ја прави основана, оваа Стратегија за климатски промени – истакна градоначалникот Коце Трајановски.

Со оваа стратегија за прв пат се проценува потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови во градот и ранливоста на клучните сектори кон климатските промени – како што се: водите, здравјето и намалувањето на ризикот од катастрофи.

Според податоците во стратегијата, доколку не се преземе ништо во наредните години, емисиите на стакленички гасови ќе се зголемат за 25% во 2020 година. Но, доколку се имплементираат мерките кои се веќе планирани во стратешките документи и развојни планови на општините и на Градот Скопје, емисиите можат да се намалат за 22%.

- Многу е битно да се направи вистинскиот избор. Секоја година температурите стануваат се повисоки, а екстремните природни непогоди се се позачестени, јасно е дека итно треба да се засилат напорите за справување со климатските промени и подготовка за нивните последици. Скопје презема водечка улога на ова поле и ние го охрабруваме и градот и граѓаните да ги спроведат мерките коишто се предложени во новата стратегија – рече денеска Луиза Винтон, од УНДП.

 На денешната промоција беше доделен и велосипед на расклопување на Зорица Бојаџиева, за нејзината идеја којашто победи на конкурсот за граѓаните „Како да се помине еден зелен ден во Скопје“, според која е снимено и видео.

Назад   

Креиран од UserAA на 04.04.2017
ИНСТИТУЦИИ

  

НАЈАВИ
22.10.2017 ПОВИК ЗА ИНТЕРЕС ЗА РАБОТЕН ПРЕСТОЈ НА УМЕТНИЦИ ВО ВАЉАДОЛИД, ШПАНИЈА

Facebook

Twitter

Youtube Channel

FUPOL

 

 


Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 10108123