ОТВОРЕНО НОВОТО ЖИВЕАЛИШТЕ ЗА ЕГЗОТИЧНИ ФЛАМИНГА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА 11.6.2020

Зоолошката градина во Скопје за првпат е збогатена со егзотични птици од видот фламинго, а Градот Скопје инвестираше во изградбата на нивното ново живеалиште.

Живеалиштето претставува мала лагуна со многу зеленило, езерце за фламингата, како и посебен дел за хранење на птиците.

- Големо е задоволството денеска и официјално на скопската јавност, на дечињата, на редовните посетители на Зоолошката градина, да го претставиме новото живеалиште што го изградивме за јатото фламинга. Фламингата се едни од најегзотичните птици и јас очекувам дека токму на ова место ќе имаме голем број на посетители. Станува збор за живеалиште со внатрешен дел со површина од 40 квадратни метри и тераса со површина од 120 квадратни метри и е едно од најубавите живеалишта за фламинга во зоолошките градини во Југоисточна Европа. Непосредно до него, се гради и новото живеалиште за пингвини. Очекуваме дека во текот на летниот период пред граѓаните ќе може да ги претставиме и пингвините - рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на официјалното отворање на новиот дом за фламингата во Зоолошката градина.

Шилегов ги покани сите заинтересирани да ја посетат скопската Зоолошка градина почитувајќи ги мерките за држење растојание, носење заштитна опрема и редовна дезинфекција на рацете за сите посетители да можат да се чувствуваат безбедно за време на посетите на ова омилено катче во градот.

На официјалното отворање на новиот дом за фламингата присуствуваше и директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски.