Арсовска: Улицата Христофер Жефаровиќ во општината Гази Баба ќе се реконструира на барање на граѓаните 23.8.2022

Градоначалничката Данела Арсовска, на денешната прес-конференција се осврна на работењето на Град Скопје во изминатите неколку месеци и на значајните проекти кои, и покрај големите предизвици, почнаа да се реализираат за граѓаните. Арсовска денеска најави многубројни проекти што ќе следат во наредниот период, а ќе донесат придобивки за граѓаните.

- Изминатите месеци ги посветивме на изработка на нови проекти и завршување на техничките постапки за нивна реализација, проекти кои ги отпочнуваме во интерес и на барање на граѓаните. Започнавме со првиот од петте мега паркови за Скопје, во општината Ѓорче Петров, по четири децении се реконструира улицата Скоевска во Бутел, за првпат се асфалтирани над 20 улици во населените места Волково, Даме Груев, Кисела Јабука, отпочнавме акција за чистење на коритото на Вардар и на Усјанскиот канал, а следат над 30 поголеми проекти до крајот на годината. Денеска најавувам дел од дополнителните проекти кои ги доставив до Советот на Град Скопје за седницата која следи на 31 август – рече градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека на следната седница на Советот на Град Скопје е доставен предлог за реконструкција на улицата Христофер Жефаровиќ во општината Гази Баба, што е неопходно за да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот.

- Пред неколку месеци имав можност во населеното место Сингелиќ, заедно со граѓаните од локалната заедница да ја посетам улицата Христофер Жефаровиќ која е во катастрофална состојба. Истата не само што е неасфалтирана и раскопана, туку претставува приоритет и затоа мора да се посвети внимание, за движењето на граѓаните во сообраќајот на тој потег да биде безбедно и сигурно. Една од предлог одлуките која ја поднесов за следната седница е донесување на одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка, согласно со барањaта на граѓаните за реконструкција на улицата Христофер Жефаровиќ во општината Гази Баба, која е оценета како еден од заедничките приоритети. Исклучително важно е да се постигне рамномерен развој во урбаниот и руралниот дел на Скопје, а едновремено да се обидеме да помогнеме на скопските општини – истакна Арсовска.