Упатство за добивање на одобрение за градење-ИПАРД

Со цел навремено и комплетно доставување на документација за добивање на одобрение за градење за објекти во рамки на ИПАРД програмата го објавувавеме следното:

 

У П А Т С Т В О

за добивање на одобрение за градење за објекти кои во рамки на ИПАРД програма се градат на градежно земјиште за кое е донесена урбанистичко - планска документација

  • Потребна Документација

За добивање на одобрение за градење инвеститорот поднесува писмено барање (образец на барањето) до општината на чие подрачје треба да се гради објектот.

Кон барањето се доставува следната документација :

  1. извод од планска документација (детален урбанистички план или урбанистички план за вон населено место или урбанистички план за село или локална урбанистичка планска документација)
  2. архитектонско-урбанистички проект заверен од надлежен орган доколку со урбанистичкиот план или локалната урбанистичка планска документација е предвидена изработка на овој проект;
  3. основен проект во три примероци со извештај за ревизија на основниот проект или писмен извештај со согласност за нострификација на основниот проект доколку истиот е изработен во странство;
  4. доказ за право на градење (имотен лист со запишано право на сопственост или право на долготраен закуп односно право на службеност на градежното земјиште на барателот или договор за пренесување на правото на градење на предметното градежно земјиште);
  5. геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.

Забелешка:
Основниот проект содржи студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина односно елаборат за заштита на животната средина одобрени од надлежен орган, доколку со прописите од областа на животна средина е предвидено изработка на студија односно елаборат за овие градби.

  • Постапка за издавање на одобрение за градење

Општината е должна во рок од 15 дена од приемот на барањето да ја разгледа доставената документација и да утврди дали истата е комплетна, дали основниот проект е изработен во согласност со законските прописи и планската документација и дали барателот е единствен носител на правото на градење.

Доколку доставената документација е комплетна, надлежниот орган е должен да ги извести субјектите надлежни за електроенергетска, водоводна и канализациона инфраструктура како и други надлежни субјекти утврдени со Законот за градење, кои се должни да извршат увид во проектот и да се произнесат на записник дали имаат забелешки.

Доколку основниот проект е изработен во согласност со законските прописи и планската документација, субјектите надлежни за електроенергетска, водоводна и канализациона инфраструктура односно другите надлежни субјекти немаат забелешки и барателот е единствен носител на правото на градење, надлежниот орган е должен да го завери основниот проект и да достави до барателот известување со пресметка за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште (комуналии).

Инвеститорот е должен да го плати надоместокот за уредување на градежно земјиште или со општината да склучи договор за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште на рати или да склучи договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок или да достави банкарска гаранција за плаќање на надоместокот или да востанови хипотека во корист на општината а општината може да донесе и акт со кој инвеститорот ќе го ослободи од плаќање на надоместокот.

Одобрението за градење се издава во рок од пет работни дена од доставување на доказ за регулиран надоместок за уредување на градежно земјиште (комуналии).

  • Постапка кога доставената документација не е комплетна или е со недостатоци

Доколку доставената документација не е комплетна и/или основниот проект не е изработен во согласност со законските прописи и планска документација, субјектите надлежни за електроенергетска, водоводна и канализациона инфраструктура како и другите надлежни субјекти имаат забелешки и/или барателот не е единствен носител на правото на градење, општината е должна да донесе заклучок за прекинување на постапката и да го задолжи барателот да ги отстрани констатираните недостатоци и да го дополни барањето во рок од 15 дена од денот на приемот на заклучокот.

Доколку барателот не ги отстрани констатираните недостатоци и не го дополни барањето, надлежниот орган е должен да донесе решение за одбивање на барањето за одобрение за градење во рок од седум дена од истекот на рокот за дополнување, а доколку барателот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето, надлежниот орган е должен да достави до барателот известување со пресметка за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште (комуналии), во рок од два дена од комплетирањето на документацијата.


Постави прашање: