Јавни и културни установи

Јавни и културни институции под надлежност на Град Скопје
Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Градската библиотека е основана во 1945 година, а од 1963 година го добива името „Браќа Миладиновци“. Од 1974 година сите библиотеки во Скопје се интегрираат во библиотека „Браќа Миладиновци“.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е јавна установа од областа на културата чиј основач е градот Скопје. Во организационата поставеност се состои од четири(4) централни библиотеки, шестнаесет(16) клона и подвижна библиотека (Библиобус), распространети низ градот Скопје и претставува современ библиотечно-информациски сервис, регионален и едукативен центар.
Библиотеката извршува библиографско – информативна дејност, ја развива и унапредува библиотечната продукција во градот, набавува, истражува, собира, стручно обработува, информира, презентира, популаризира и дава на користење библиотечен материјал.
Располага со фонд над еден (1) милион книги, публикации и друг вид библиотечен материјал.
Градската библиотеката „Браќа Миладиновци“ има вкупно 104 вработени, од кои 78 се библиотекари. Библиотеката својата дејност ја развива на подрачјето на градот Скопје.

Адреса: ул “Партизански одреди” бр.22 
Телефон: + 389 (0) 2/ 3162 544
Факс: + 389 (0) 2/ 3127 016
e-mail: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk
web: www.gbiblsk.edu.mk

Културно Информативен Центар – Скопје

Културно информативниот центар–Скопје постои од 1967 година и од тогаш, па се до денес успешно ја афирмира македонската култура низ сите жанрови на уметноста кај нас и во светот. Својата дејност КИЦ ја реализира во изложбените салони 1 и 2, Салонот 19,19, одделението за дизајн и просторот пред центарот КУЛ-ПАРК.
Во текот на една година се реализираат преку 200 манифестации (ликовни и друг вид на изложби, концерти на сериозна музика, промоции на книги, театарски претстави и други културни настани).
Во рамките на Културно информативниот центар од неодамна функционира и Туристичкото биро на Град Скопје.

Адреса: „Моша Пијаде“ бб
Телефон: + 389 (0) 2/ 3115-679
Факс: + 389 (0) 2/ 3230-206
e-mail: kic_centar@yahoo.com
www.kic.mk

Дом на културата “Кочо Рацин” – Скопје

Установата во континуитет од 1954г. интензивно работи на промоција на сите облици на културни дејности со особена програмска цел, со едукативно културолошко делување врз сите старосни групи на населението, притоа негувајќи ги нивните вистинските културни потреби.
Домот создава и промовира разнообразни културни и едукативни програми со кои се поттикнува и се пренесува знаење со креативно користење на слободното време на граѓаните, со задоволување на нивните потреби за сопствено творештво.
Нашето културно уметничко творештво успешно го презентираме во градот, Републиката и надвор од неа.
Работиме и на унапредување на јавната свест за потребите на децата со специјални потреби со цел за подигање на квалитетот на нивниот живот.
Нашата установа исто така е релевантна мултикултурна средина за промовирање и популаризација на културните вредности на различните етнички заедници.
Програмските активности Установата ги реализира по дејности : литературна, ликовна, едукативно- образовна, музичка и фолклор дејност. Организира фестивали: Меѓународен фолклорен фестивал „Играме и пееме заедно“ и Мултикултурен фолклорен фестивал.
Манифестации: Мултикултурна „Патуваме преку сказни“, ликовна „Жената симбол и инспирација“, „На Велигден на Благден“, „Од животот на Ромите“, „Ден на албанската азбука“ и „Денови“.
Литературната дејност реализира програма којашто има рамномерен пристап кон сите жанровски облици на македонската книжевност и на книжевностите на другите етнички заедници во Р.Македонија и на нивните актуелни достигнувања. Ќ Претставени се нови дела особено на домашни етаблирани автори, поети, раскажувачи, делата на наградувани автори.Промовираме и младите автори во подем. Посветуваме особено внимание на веќе починати наши современици. Промовираме поважни наслови на преведени дела, (особено на наградени автори на светската литература за деца).
Во едукативно-образовната дејност се остваруваат информативни, образовни, културни, економски, политички и научно истражувачки содржини од најразлични области секогаш внимавајќи и тргнувајќи од актуелните случувања во државата и во согласност со потребите што ги наметнува современото живеење.
На трибините, предавањата, и дебатите коишто се реализираат во циклуси учествуваат познати професори академици,политичари,новинари.
Ликовната дејност е со ангажирана тематика, од сферата на специфичните вредности и карактеристики на македонското поднебје, скопско и пошироко, од сферата на духовноста, од традицијата, од ризницата на световното и сахралното културно наследство, како и со актуелна проблематика од глобален карактер- зажтита на природата, афирмација на старите занаети, афирмација и претставување на други култури.
Установата е отворена и достапна за сите видови соработка, соработката со другите установи од областа на културата, организации, образовни институции, културни работници во градот, во Републиката и пошироко, соработка со културни центри од Европа, и европски културни центри во РМ . Соработка со издавачки куќи, поединци и со приватниот сектор.
Повеќето културни настани се реализираат во двата салона (мал и голем) во просторот на Домот, а дел од настаните и надвор од просторот на Установата.

Работно време на Установата:
08:30- 16.00ч.
Работно време на галериите:
08:30-20:00ч.
Работно време во текот на програмските активности:
14:00-22:00ч.
Контакт телефон:
Јованка Христовска
моб . 071232705
Адреса: ул: „Вељко Влаховиќ “20А –Скопје
Тел-факс: 02 3163-739
e-mail : dk.kocoracin@gmail.com
www.dk-kocoracin.mk

Младински Културен Центар – Скопје

Младинскиот културен центар од Скопје е институција од областа на културата со 37 годишно искуство поттикнувањето, развојот и афирмирањето на творештвото на младите генерации од сите сфери на културното творештво.
МКЦ во јавноста е познат како организатор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, изложби, претстави, концерти, предавања и слични настани од областа на културата.

Покрај сопствената годишна програма, која вклучува повеќе од 200 настани (изложби, театарски претстави, промоции, работилници, концерти, дебати, филмски проекции) како и работата и настапите во странство на Женскиот младински хор и Мандолинскиот оркестар, поттикнување на творештвото на најмалдите во рамките на Детскиот креативен центар, едукативните и истражувачки активности на единствениот Планетариум, МКЦ работи и како сервис на многубројни невладини организации и индивидуални уметници од сферата.

Покрај засебните настани, МКЦ стои зад организацијата, планирањето и комплетната реализација на три меѓународни фестивали и манифестации – Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Фестивалот на европски филм CINEDAYS, како и Фестивалот на нова музика ЗДРАВО МЛАДИ.

Адреса: ул “Кеј Димитар Влахов” бр.15 МК-1000 Скопје
Телефон: 389 2 3115225
Факс: +389 2 3115508
e-mail: info@mkc.mk
www.mkc.mk
Билетарница МКЦ: bileti@mkc.mk / 071 305695

 

Музеј на Град Скопје

Музејот е основан 1949 година. Во 1970 година Музејот се сместува во адаптираниот дел од старата Железничка станица која располага со 4.500 м2 од кои 2.000 м2 е изложбен простор.
Од тогаш до денес како комплексен музеј тој ја поврзува дејноста на подрачјето на археологијата, историјата, етнологијата, историјата на уметност, во регионот на град Скопје.
Освен системските истражувања, прибирање, средување, заштита и чување, музејот врши и стручна обработка и научно проучување на музејскиот материјал како и негова јавна презентација преку тематски проекти и изложби како во земјата така и во странство.
Музејот поседува фонд од 21.950 музејски предмети распоредени по четири одделенија: археологија, историја, етнологија и историја на уметност. Во фундусот на музејот влегуваат донацијата од 182 фотографии на доајенот на македонската уметничка фотографија Благоја Дрнков и донацијата на Јапонската графика Укијое.
Во 1991 година Љубомир Белогаски му подарил на Музејот на град Скопје 159 дела (претежно акварели). Оваа збирка, која има исклучителна вредност, и прва од таков вид во државата, го овозможи формирањето на галеријата при Музејот на град Скопје што го носи името на донаторот Љубомир Белогаски и во која чувајќи го споменот за него постојано се изложени неговите дела.
„Прошетка низ минатото“ е постојана поставка во Музејот која го опфаќа периодот од Праисторија до почетокот на 20 век за Скопје со неговата околина. „Отворено графичко студио – МАК – ГРАФ“ отворено во 1994 година кое има и меѓународен карактер, е простор за постојан контакт меѓу уметниците но и публиката, каде уметниците графичари можат да творат и да ги изложуваат своите дела.
Во Старата скопска чаршија се наоѓаат депандансите на Музејот, и тоа во Сули ан е сместена постојаната поставка за „Историјата на старата скопска чаршија“. „Меморијалниот музеј на Покраинскиот комитет на КПЈ“ и „Меморијалниот музеј на илегалната работилница за оружје од НОБ“.

Адреса: ул. „Мито Хаџивасилев“ бб
Телефон: + 389 (0) 2/ 3115-367; 3113-609
Факс: + 389 (0) 2/ 3115-367
e-mail: mgs@mgs.org.mk
web: www.mgs.org.mk
Работно време: 07.00-15.00

Универзална сала – Скопје

Непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, започна изградбата на Универзална Сала, како трајно одбележување на хуманата акција на дарителите од странство. Официјално Универзална Сала започна со работа на 1 Јануари 1966 година.
Извонредните сценски и капацитетни услови, заедно со сите пратечки функции на објектот, во амфитеатрална поставеност на гледалиштето, овозможуваат оптимални услови публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби.
Малата сцена со капацитет до 300 седишта, акустички решена, овозможува реализација на камерни претстави, концерти на сериозна и џез музика.
Сценскиот простор со кој располага салата овозможува повеќе варијанти на користење на сцената со вкупна површина од 400м2.
Универзална Сала располага со:
- Гледалиште со капацитет од 1500 седишта
- Комплетно озвучување(JBL) со јачина од 15 киловати
- Светлосен парк со јачина од 100 киловати (рампа, скенери, машина за магла, видео бим и др.)
- Можност за аудио и видео запис
- Концертен и полуконцертен клавир, марка Petrof
- Простор за оркестар
- Комплетни сценографски решенија
- Изложбен простор во холот на салата во должина од 70 метри
- Прирачни бифеа, бифе за коктели и промоции со капацитет до 80 посетители

Адреса: Партизански Одреди бб
Телефон: ++38923245615
Факс: ++38923245081
е-mail: info@univerzalna.com.mk
www.univerzalna.com.mk

Зоолошка градина – Скопје

Зоолошката градина Скопје е формирана 1926 година од страна на тричлена комисија со која раководел доктор Станко Караман. 
Во истата 1926 година е предложена денешната локација која во тоа време опфаќала 4 хектари површина, а Градината располагала со скромен број на животни кои претежно биле добиени како поклон. 
Со решение на Градското Собрание во 1965 година и со донесувањето на елаборатот во 1966 година за ново урбанистичко решение, Зоолошката градина Скопје го добива денешниот изглед. 
Денес, Градината е лоцирана на површина од 96.894 м2 и располага со 503 животни, од кои: птици 261 од 36 вида, цицачи 226 од 42 вида и влечуги 16 од 8 вида. 
Основни дејности на Градината се: културна, образовна и научна, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност.

StoryMap

Адреса: бул.„Илинден“ бр.88
Телефон: + 389 (0) 2/ 3220-578
Факс: + 389 (0) 2/ 3116-657
Работно време: 07.00-19.00
e-mail: zooskopje@zooskopje.com.mk
web: www.zooskopje.com.mk

Детски Културен Центар "Карпош"

На бул.„Илинден“ бр. 53, помеѓу „Орце Николов“ и „Ленинова“ во центарот на Скопје, веќе седум децении работи Детскиот културен центар – „Kарпош“, поранешен Пионерски дом „Карпош“ со своите 450м2.

Оваа институција е отворена на 06 јуни 1948 година од страна на тогашниот Министер за просвета на НРМ проф. Димче Мире, каде со сечење на лентата се отвори вратата на домот како културно образовна институција. Со долгогодишна традиција оваа институција го организира и осмислува слободното време на децата во воспитно образовна и творечка работа.

Во оваа јавна културно образовна институција членуваат повеќе од 500 деца на возраст од 4 – 17 години кои се распоредени во различни секции: музичка секција каде изучуваат свирење на инструментите: гитара, хармоника, синтисајзер и свирење на народни инструменти: тапан, кавал, тамбура. Во балетската секција членуваат деца од најмала возраст и изучуваат модерен балет. Фолклорната секција при домот е најмасовна и ја негува нашата традиција и култура, а воедно е и амбасадор на нашата држава и надвор од своите граници. Во рамките на центарот егзистираат и ликовната секција, фотографската секција, драмската секција, хорското пеење, а од областа на спортот застапени се секциите пинг понг и шах.

Главни годишни манифестации кои ги организира Детскиот културен центар –„Карпош“ во текот на годината и кои имаат своја долгогодишна традиција се: „Снежен град“- Попова Шапка кој  се оддржува повеќе од 40 години, , „Априлијада“, која содржи дневна програма и се оддржува на градскиот плоштад, меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ на кој учествуваат деца од странски и домашни фолклорни ансамбли.

Исто така ДКЦ –Карпош е организатор и реализатор на меѓународен фестивал за класична гитара „Тремоло“- Скопје. Од спортските манифестации застапени се „Движи се за здравје“, која се организира во рамките на Европската недела на движење, „Ролеријада“ и „Првенството во шах за млади“ на Град Скопје. 

Во соработка со градинките, основните и средни училишта ДКЦ – „Карпош“ реализира и работилници од областа на креативните индустрии насловени како „Креативно менторство“ и работилници за откривање таленти и развивање на вештини кај децата насловени како  „Развиваме и градиме млади таленти“.

Активности кои се организираат и реализираат во рамките на институцијата се: Ученичка квизотека – квиз на знаења, умеења и вештини, Цртање на асфалт – ликовно творештво, Го градам мојот град – креативни идеи за иднината на градот, Цртам за мојата мајка – изложба на ликовни творби.

 За успешно претставување, промоција и афирмација на сите секции кои гравитираат во центарот, ДКЦ – „Карпош“ ја реализира манифестацијата Разигран плоштад со цел заживување на просторот во центарот на летната сцена, како и на Плоштадот „Македонија“ и „Карпошово востание“.

Како оригинална идеја на ДКЦ – „Карпош“ се и „Уличните библиотеки“ кои  се  библиотеки на отворено со цел да се направат книгите достапни за сите. Тие се со урбан дизајн  и  го привлекуваат вниманието на секој страствен читател. Уличните библиотеки се прозорец во умот на општеството, бидејќи книгите се оставаат и земаат  и никој не треба да ги проверува дали се тука или не.

ЈУ. Детски културен центар – „Карпош“  е место каде од најрана возраст се градат вредности, смислата за солидарност и хуманост, за другарување, за ширење на пријателства преку слободно мислење и изразување, се рушат границите и се отвараат патиштата за реализирање на безграничните детски соништа.
Тоа е храм каде децата можат да ги реализираат своите соништа, а ние им ја подаваме раката да се искачат на скалилата и да го достигнат и остварат својот сон.

Адреса: бул"Илинден" бр. 53, 1000 Скопје, Република Македонија
тел: 02 322 8-111, 3216-788, 3216-789
факс: 02 3228-111 лок.102