Петре Шилегов
Петре Шилегов
2017 - 2021

Петре Шилегов е роден на 12 јуни 1969 година во Скопје.

Средно образование завршува во тогашното средното училиште „Борис Кидрич’’, а дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј‘‘ во Скопје во 1995 година.

Две години подоцна, во 1997 година, го положува правосудниот испит и професионалната кариера ја започнува како адвокат во адвокатска канцеларија „Петре Шилегов” од 1999 година.

Во 2005 година бил претседател на Второстепената државна комисија за жалби по јавни набавки. Од 2013 година е потпарол на Социјалдемократискиот сојуз на Македонија се до 2016 година кога е избран за потпреседател на партијата.

На парламентарните избори во 2014 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Втор последователен мандат како пратеник добива на парламентарните избори во 2016 година и оваа функција ја извршува до октомври 2017 година.

Во рамки на Собранието на Република Македонија своевремено е активен член во повеќе собраниски комисии и совети меѓу кои претседател на Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, член на Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и претседател на пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Чешката Република и други.

По победата во првиот круг на локалните избори во 2017 година го започнува својот мандат како градоначалник на Град Скопје со што станува прв градоначалник на Град Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Градоначалникот Шилегов во април 2018 година е избран за прв потпретседател на NALAS (Network of Associations of Local Authorities of South East Europe), мрежа на 14 асоцијации кои претставуваат околу 9000 локални власт директно избрани од електорат кој брои повеќе од 80 милиони граѓани на југо-источна Европа.

Петре Шилегов е оженет и татко на две деца.