ГРАД СКОПЈЕ ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ НА ВЛАДАТА ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА ЛОКАЛНИ ПАТИШТА 02.3.2020

Во Владата на Република Северна Македонија, Министерството за транспорт и врски денеска потпиша Меморандум за соработка  со сите општини во земјава (80) и Град Скопје. На потпишувањето присуствуваа премиерот Оливер Спасовски,  вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и министрите за транспорт и врски и за финансии, Горан Сугарески и Нина Ангеловска. Меморандумот за разбирање за Проект за поврзување на локални патишта од Град Скопје го потпиша Викторија Аврамовска Мадиќ, Секретарот  на Град Скопје.

Седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите општини за  да изградат нови или да ги санираат постојните локални патишта и улици, како и за санирање  на друга патна инфраструктура во општината. На овој начин  Владата ќе им овозможи на општините преку аплицирање со проекти да добијат директна помош од 500.000  до 2 милиони  евра.

Со реализацијата на овој Проект ќе се подобри патната инфраструктура во општините, односно нивниот квалитет, безбедност и отпорност на климатски влијанија.

Целата на соработката меѓу Министерството за транспорт и врски  и Град Скопје е олеснување на процесот на имплементација на Проектот за поврзување на локалните патишта  преку регулирање на  односите меѓу двете страни потписнички на Меморандумот заради исполнување на барањата и резултатите утврдени со потпишаниот Договор за заем за Проектот.

Проектот ќе се финансира со средства од Меѓународната банка за обнова и развој- светска банка во износ од 70 милиони евра, што ќе се трошат за јакнување на капацитетите, рехабилитација на локални патишта/улици и објектите покрај нив, поддршка при реализација на Проектот и одговор при итни ситуации.

Имплементацијата на овој Меморандум за соработка и сите активности што произлегуваат од него ќе бидат во согласност со соодветните регулативи на Светска банка.

Реализацијата на активностите, административни и технички, што произлегуваат од Проектот, ќе ги спроведуваат лица од Градот или други лица овластени од Градоначалникот. Пред почетокот на градежните работи Министерството за транспорт и врски и град Скопје ќе склучат договори за имплементација за секој локална улица, а проектантските услуги ќе бидат регулирани  со Договор за поддршка при проектирање што ќе го склучат инвеститорот, Министерството за транспорт и врски  и Град Скопје, пред почетокот на реализацијата на овие услуги.

Рокот за имплементација на овој проект е до 2024 година или најмалку 5 години,  односно  не порано од  денот на завршувањето на имплементацијата на  Проект за поврзување на локални патишта.