БУЛЕВАРОТ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ СЕ РЕКОНСТРУИРА - ЗА ПРВПАТ ЌЕ ДОБИЕ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ 05.9.2020

Екипите на Град Скопје денеска почнаа градежни активности за реконструкција на булеварот Александар Македонски во Гази Баба, на потегот од крстосницата со улица 16-та Македонска бригада до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот. Реконструкцијата се реализира фазно, а на терен истовремено се работат 3 од вкупно 4 фази на реконструкцијата. Булеварот ќе се реконструира во должина од 5.300 метри, што претставува најдолга делница на која Град Скопје работи во моментов.

- Градот Скопје почнува со голема реконструкција на булеварот Александар Македонски, односно источниот влез во нашиот град. Во текот на минатата година го завршивме западниот дел, сега ќе го средиме источниот дел, и тоа од крстосницата кај Хиподром до поранешен саем во Автокоманда. Ова е потег поголем од 5 километри, ќе работиме деноноќно и ги замолувам граѓаните да имаат трпение во однос на сообраќајните гужви бидејќи во тек е голема градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и ќе го пречекаме зимото со целосно обновена инфраструктура во изминативе 2 години. Куриозитет овде е што првпат Град Скопје ќе изврши експроријација на земјиште за да изградиме велосипедска патека што ќе го подобри урбаното живеење и,  конечно, ќе има велосипедско поврзување на граѓаните од  Синѓелиќ и Маџари со остатокот од градот. На овој потег не е работено 40-ина години, во добар дел булеварот е во очајна состојба – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Трите фази од реконструкцијата истовремено ги реализираат 3 различни градежни компании, а вкупната вредност на трите договори изнесува околу 202 милиони денари со вклучен ДДВ. Реконструкцијата ќе се искористи и за поставување или замена на подземните инфраструктурни инсталации.

Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици се одвива со забрзана динамика. Шилегов упати апел до граѓаните да ги почитуваат воведените привремени сообраќајни режими во повеќе делови во Скопје. 

На почетокот на градежните работи за реконструкцијата на булеварот Александар Македонски, присуствуваше и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски.