Решени 1. 638 барања од граѓани преку адресата 24@skopje.gov.mk 05.4.2022

На електронската адреса за комуникација со граѓаните 24@skopje.gov.mk досега се пристигнати 1.893 барања, од кои решени се дури 1.638. Најголемиот број граѓани на овој мејл пријавиле проблеми од областа на сообраќајот, прашања поврзани со даноците на имот, како и барања поврзани со комуналниот сектор и  кастрење  суви гранки, сечење стари и суви дрвја и уредување на јавни зелени површини. Дел од прашањата   на граѓаните се  однесуваат и за доделувањето на субвенции за инвертери, велосипеди и за електрични тротинети. 

На електронската адреса 24@skopje.gov.mk граѓаните можат да пријавуваат предизвици во надлежност на градот, а градската администрација е задолжена да одговори на барањата во рок од 24 до 72 часа.

Целта на овој проект е ефикасно и ефективно работење на градската администрација во служба на граѓаните, која ќе придонесе Скопје да биде функционален град кој нуди брзи, квалитетни и навремени услуги за скопјани. Со ваквиот начин на комуникација Градот Скопје станува поблизок до скопјани и има за цел преку непосреден однос со граѓаните да ги реши секојдневните предизвици со кои тие се соочени.