ГРАДОТ СКОПЈЕ СЕРИОЗНО ИНВЕСТИРА ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА - НОВА СПОРТСКА САЛА ВО УЧИЛИШТЕТО „САРАЈ“ 10.2.2020

Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на свеченото пуштање во употреба на спортската сала  во средното училиште на Град Скопје „Сарај“.

- Ми претставува чест и задоволство денеска да присуствувам на пуштањето во употреба на оваа спортска сала, нешто што ни недостигаше во рамките на ова градско средно училиште, сала којашто ја изградивме заедно во рекордно кратко време за една година. Оваа сала е доказ за она што постојано го говорам  дека ако работиме сите заедно, ако имаме квалитетна меѓу институционална соработка, ако имаме поддршка едни со други, успехот е неминовен- рече Шилегов.

Шилегов додаде дека Градот Скопје сериозно инвестира во средните училишта затоа што тој како градоначалник верува дека иднината е на младите и дека  треба да им создадат услови за квалитетно образование за тие да останат во државава.

- Ова е првата сала во град Скопје во којашто вонредно вложивме средства, во којашто има и спортски семафори и е опремена да организира и квалитетни државни спортски натпревари, со цел Сарај како општина да го внесеме на едно повисоко ниво во квалитетот на живеење во нашиот град -  кажа  Шилегов.

Тој им се заблагодари на Министерството за образование и наука и Општината  Сарај за поддршката за реализација на оваа капитална инвестиција.

Градот Скопје продолжува да вложува во образованието во делот на обезбедување подобри просторни и други услови за изведување на наставата и воншколските активности согласно со надлежностите на локалната самоуправа.