Град Скопје поднесе кривична пријава за Усје 12.1.2023

На иницијатива на Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина, изминатиот месец, градот самостојно и во, здружена акција со Министерството изврши мерења на испустот на гасови од работењето на објект од тешка индустрија во општината Кисела Вода.

Се работи за цементарницата „Титан Усје“ од каде при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје. 

Мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава. Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.

Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. 

Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час. 

Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршија увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина. 

Имено, при последното мерење, констатирано е драстично пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух.

Дополнително за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен. 

Поради ова, како градоначалник на градот Скопје преземав иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата „Титан Усје“ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.

Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со „донации“ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања.

Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето и тоа на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

Краткорочните, или популарно наречените „интервентни“ мерки од страна на градот Скопје се превземаат само по укажување на Министерството за животна средина. По добивање на известување за алармантна состојба од Министерството за животна средина и просторно планирање градот постапува согласно мерките кои се препорачуваат за заштита на амбиенталниот воздух, а во согласност со Законот за заштита на амбиенталниот воздух.  Одлука од Град Скопје за превземање на краткорочни мерки следува по добиено известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.   

На моја иницијатива, а заедно со секторите во градот Скопје, активно работиме и на спроведување на повеќе континуирани мерки за намалување на загадувањето во градот. Во континуитет се чистат дивите депонии, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз, се воведува ред во јавниот превоз во кој повеќе нема да можат да партиципираат возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди со цел намалување нa загадувањето од овие возила.

 

Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух Градот Скопје спроведува мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните:

 

- Зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и правни лица со Б интегрирани еколошки дозволи

- Интензивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата заради контрола на прашина.

- Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикавме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје.

- Им се препорачува на градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

- Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините се повикани да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

- Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

- Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.

- За енергенс или при затоплување да не се користат отпадни материјали, прегорено машинсо масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.

- Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, редовно да се чистат оџаците.

 

Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје .

Ги повикуваме ресорните институции во чија примарна надлежност е животната средина Министерството за животната средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина да ги интензивираат активностите во насока на овозможување здрава животна средина и повисок квалитет на амбиентален воздух. Градот Скопје започна со спроведување сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи градската администрација. Овој сет на комплементарни мерки ќе придонесат за обезбедување повисок квалитет на живот за граѓаните и намалување на нивото на загаден воздух.

Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 12 до 88 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како неправилно одлагаат отпад и го прекршуваат законот.

Дополнително, сакам да ја информирам јавноста и да констатирам дека за жал со оваа состојба досега никој не се занимавал сериозно. Тука сакам да ја потенцирам потребата од воведување и редовно ажурирање на регистарот на загадувачи.

Град Скопје покрај краткорочните мерки, работи и на план за имплементација на среднорочни и долгорочни мерки за заштита на амбиенталниот воздух. 

Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, при што со анализа и активности на терен детектирани се над 1000 субјекти кои е неопходно да подлежат на интегрирани еколошки дозволи со што примарните извори на загадување од индустријата ќе се ограничат во можноста да се продолжи со истото однесување. Со имплементација на овие среднорочни и долгорочни мерки, кои ќе се спроведуваат во континуитет, ќе се постигне подобување на состојбите, наместо да се делува со краткорочни мерки кои се интервентни и се активираат само кога проблемот е најизразен.

Имено, од 2006 година кога со Законот за животна средина е започнат процесот за интегрирано спречување и контрола на загадување, со што се предвидува и воведување на регистар на загадувачи и контрола на издадени А и Б интегрирани еколошки дозволи, до овој момент во градот Скопје регистрирани се само 30 правни лица, иако според анализите кои ги извршивме во изминатата година постојат најмалку 1.000 вакви правни лица кои морале да бидат регистрирани и соодветно контролирани. Оттука најавувам, и едновремено апелирам до сите компании кои имаат обврска според овој закон, во наредните 30 дена да достават елаборати за управување со загадувањето и да аплицираат за Б интегрирана еколошка дозвола. Градот ќе ги превземе сите законски можности и нема да амнестира никој кој ќе биде затекнат дека врши дејност без соодветната еколошка дозвола и со тоа го нарушува квалитетот на животната средина и го загрозува здравјето на скопјани.

 

За оваа година, согласно најавените мерки, најавуваме засилени контроли и зголемена ефикасност на градскиот инспекторат. 

Крајно време е, по три децении, да се стави ред и да се посветиме на тоа сите во Скопје да имаат повисок степен на квалитет на живот.