Реакција од Град Скопје на соопштението на СДСМ 12.1.2022

СДСМ секојдневно се обидува својата одговорност да ја префрли на локалната самоуправа, со веќе слушнати и секојдневно повторувани тези дека снабдувањето со топлинска енергија и затоплување на домовите на скопјани е во надлежност на Град Скопје. 

Да појасниме уште еднаш дека Град Скопје ги знае своите надлежности и за разлика од претходното раководство кое го остави Градот задолжен и со доспеани долгови, Градот овој четиригодишен мандат ќе го насочи на креирање и имплементација на проекти и политики кои значат подобар и поквалитетен живот за скопјани. Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одби барањето за доделување лиценца за вршење дистрибуција на топлинска енергија на Градскиот енергетски систем ГЕС. Истото до денес не е реализирано и се води управна постапка за разрешување на овој спор. 

Срамно и неодговорно е упорно да се вперува прстот кон Град Скопје посочувајќи го Градот како надлежен и одговорен за сите пропусти на централната власт, кои пет месеци не преземаа ништо и сме можеби единствена држава која нема мерки за справување со енергетската криза, освен што ги зголемија цените за електрична и топлинска енергија и удрија по џебот на граѓаните. Член 151 став 1 од Законот за енергетика е исто така јасен и може да важи само доколку ГЕС како претпријатие ја има лиценцата и е лиценциран дистрибутер на топлинска енергија до домаќинствата во Скопје, што во случајот е јасно дека јасно не е и не може да биде се додека не ја добие потребната лиценца.

Низ цела Европа, Владите уште од септември месец преземаа мерки за помош од енергетската криза, како и за амортизирање на ценовниот шок, додека кај нас месеци подоцна, Владата не само што не поднесува одговорност туку и сака истата да ја префрли на Град Скопје, кој е оставен во големи долгови токму од претходното градско раководство кое беше раководено од СДСМ. 

Град Скопје уште еднаш ја повикува Владата да покаже одговорност и итно донесе јасен план за помош на граѓаните, како што постапи секоја Влада во состојба на енергетска криза.