ПОЧНА ПРОБИВАЊЕТО НА ДОЛГООЧЕКУВАНАТА УЛИЦА ЕСЕНИНОВА 20.8.2020

Екипите на Град Скопје денеска почнаа со изградба и пробивање на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.

- Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај „Тутунски комбинат“ бидејќи директната врска кон скопското сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух - рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата Есенинова.

Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71.000.000 денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.

Улицата Есенинова е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, зашто претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.

Со изградбата на Есенинова, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар.

Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако сега се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата Есенинова - Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.

Шилегов денеска најави интензивирање на градежната офанзива на Град Скопје - до крајот на годинава ќе почне реконструкција и изградба на над 20 сообраќајници во сите 10 скопски општини во вредност од околу 760 милиони денари во тековната и идната година.

- Ги замолувам скопјани за малку трпение. Веќе знаете дека е сменет начинот и режимот на работа на Градот, ќе бидеме и брзи и квалитетни. Секои градежни работи предизвикуваат пореметување на секојдневието, па поради тоа замолувам да се почитуваат новите сообраќајни режими кои ќе бидат воведувани во градот почнувајќи од денешниот ден - додаде Шилегов.

На почетокот на градежните работи на улицата Есенинова присуствуваа и градоначалниците на Општина Кисела Вода и на Општина Центар, Филип Темелковски и Саша Богдановиќ.