ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ ЗА КОМПЛЕКСОТ ПЛАНЕТ ВО ОПШТИНА САРАЈ 22.7.2021

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска присуствуваше на промоцијата на проектот на Комплексот Планет во Сарај.

На промоцијата присуствуваа и Премиерот на РСМ, Зоран Заев, претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, пратеникот и претседател на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, како и инвеститорите на проектот Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани.

- Ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид која се гради како резултат на вашата упорност и визија. Навистина ми  е драго што успеавте да препознаете дека политиките кои ги креираше Градот Скопје во изминативе 3 години, пред се, за рамномерен развој на сите делови од градот, помогнаа во вашата одлука да инвестирате во овој проект. Со нашата работа изминативе неколку години, активностите на Владата и општина Сарај, испративме порака до граѓаните и инвеститорите дека Скопје е град кој е еднаков за сите - кажа на промоцијата градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот Шилегов им посака на инвестоторите успешна работа, додавајќи дека се надева комплексот дека  ќе биде вистински пример за успешен проект кој моше да се реализира преку соработка на приватниот сектор, државните институции и локалните самоуправи.

Комплексот Планет е елитна населба која се простира на површина од 15 хектари,  лоцирана помеѓу реките Вардар и Треска, во близина на езерото Треска. Со истиот се предвидени изградба на елитна населба со вили, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри и др.