Препораки и мерки од Град Скопје поради загадувањето на воздухот 27.12.2023

Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр.183 од 14.12.2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри РМ10 и добиеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10 измерени на најмалку две мерни станици), Град Скопје ги објавува следните препораки и ги превзема следните мерки:

 

 

Препораки до граѓаните:

- Возилата да не се користат без потреба;

- Повеќе лица да се возат во едно возило;

- Да се користи јавниот превоз;

- За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал;

- Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци;

- Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;

- Редовно да се чистат оџаците.

 

Препораки до институции и правни субјекти:

 

- Да се зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање;

- Да се зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност општините во градот Скопје;

- Да се зголемат инспекциските контроли на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските и државните инспекциски служби;

- Да се зголемат и спроведат вонредни инспекциски контроли на градилиштата во надлежност на општините;

- Да се спроведе зачестено чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на општините во градот Скопје;

- Доставата на стоки со возила да се извршува пред 7:30 или по 18 часот;

- Да се зајакнат вонредните контроли на МВР во однос на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови;

- Градоначалниците од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на граѓаните: при промена на грејните тела со поеколошки начини на затоплување, зголемување на енергетската ефиксаност и употреба на алтернативни превозни средства;

- Сите правни субјекти (административни и јавни установи) што за затоплување користат уреди за согорување – котли, истите да ги контролираат за обезбедување оптимален режим за согорување, пропишан со стандардите, со што нема да испуштаат загадувачки материи;

- Да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројќи од страна на државните инспектори за заштита и спасување;

- Обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот;

 

 

Мерки кои ги спроведува Град Скопје:

 

- Ги зголемуваме инспекциските контроли и воведуваме вонредни инспекциски надзори на инсталации што подлежат на Б интегрирани дозволи  и инсталации со одобрени елаборати за животна средина кои се во надлежност на Град Скопје;

- Ги зголемуваме инспекциските контроли и воведуваме вонредни инспекциски надзори на градилиштата и возилата што излегуваат од градилиштата кои мораат да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината;

- Ја активираме одлуката за издадените одобренија за дотур на роба во забранети зони за сообраќај. Одобренијата ќе важат во периодот од 18:00 до 7:30 часот наредниот ден согласно Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување на стока на подрачјето на град Скопје;

- Активно ја контролираме имплементација на одлуката и контрола на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата);

- Спроведуваме зачестено машинско чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на Град Скопје и нивно миење кога временските услови тоа го дозволуваат;

- Ги ограничуваме градежните активности во надлежност на Град Скопје;

- Ги користиме службените возила на Град Скопје исклучиво за потребите на градскиот инспекторат;

- Ги ослободуваме од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста со препорака на матичен лекар, кои се вработени во градската администрација, институциите и јавните претпријатија на Град Скопје согласно препораките од надлежните министерства;

Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените препораки и мерки, а за секоја настаната промена на состојбата јавноста ќе биде редовно известена.

 

Значајно е да се нагласи дека покрај овие препораки и мерки, Град Скопје со цел подобрување на квалитетот на воздухот реализира конкретни мерки во текот на целата година: субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци, замена на азбестни кровови, енергетска ефикасност, инспекциски контроли, зголемување на зелени површини, велосипедски патеки и бесплатен превоз за ранливи категории на граѓани. Со овие континуирани мерки и активности кои се реализираат на Град Скопје се делува превентивно кон изворите на загадување на воздухот кои потекнуваат од сообраќајот и загревањето на објектите со несоодветни енергенси.