РАЗЗЕЛЕНУВА И ПОКРИВОТ НА „МАВРОВКА“ – ТРЕТ И НАЈГОЛЕМ ЗЕЛЕН ПОКРИВ ВО СКОПЈЕ 27.1.2021

Градот Скопје во соработка со општина Чаир и Здружението на корисниците на деловен простор во деловниот центар „Мавровка“ почна со уредување на третиот и најголем зелен покрив во Скопје - покривот на „Мавровка“.

Зелениот покрив се уредува според проект од реномираниот и наградуван архитект, Бесиан Мехмети.

- Се наоѓаме на најфреквентната раскрсница во нашиот град, каде што дневно поминуваат повеќе од 70.000 автомобили, место на кое што се наоѓа државна мерна станица и место на кое одбравме да го правиме овој зелен покрив, од две причини. Прво, да го покажеме нашиот пристап на еднаквост на Градот, а второ, да го замениме зеленилото кое во лудилото на проектот „Скопје 2014“ овде, на оваа микролокација, кај Ректоратот, беше уништено со цел да се изградат и недоизградат овие барокни згради што не се ниту дел од Универзитетскиот кампус. Искуството што го имаме со најексплоатираниот зелен покрив, зелениот покрив на Градскиот трговски центар, е навистина прекрасно. Мислењето на граѓаните и посетеноста ни даваат за право како Град и како институции да продолжиме да вложуваме во овој тип на простор, кој во иднина ќе биде јавен. Во моментов може да видиме колку е сериозно уништен. Со реализацијата на овој проект не само што ќе имаме импакт со зеленило врз најголемата раскрсница во градот, ќе влијаеме и врз самиот трговски центар. На луѓето ќе им овозможиме уште едно прекрасно катче, кое од вака руинирана површина која зрачи топлина поради бетонот ќе стане површина на која граѓаните ќе може да поминуваат пријатни моменти - изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов.

На овој простор се планира да бидат засадени над 40 различни видови садници на вкупна површина од 4.000 квадратни метри. Значајно е да се истакне и дека Скопје во услови на пандемија од коронавирусот ќе добие уште едно прекрасно место на кое ќе можат да се одвиваат културни настани на отворено со почитување на здравствените протоколи.

Дополнително, овој зелен покрив се наоѓа во непосредна близина на комплексот факултети при УКИМ и Националната универзитетска библиотека што го прави уште една зелена локација на која студентите ќе можат да го користат своето слободно време во паузите.

Зелените покриви се една од мерките за  намалување на т.н. урбани топлотни острови кои воедно даваат можност за развој на вегетацијата и животинскиот свет во урбаните средини, а со нив Скопје добива еден нов и модерен лик со многу зелени површини и урбани содржини кои не носат чекор поблиску до целта – нашиот град конечно да стане зелена престолнина со која сите ќе се гордееме.

За реализацијата на проектот Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Здружението на корисниците на деловен простор во „Мавровка“ и општина Чаир, а проектот е донација од здружението.

На денешниот настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.