Соопштение за јавност 09.3.2024

Во рамки на акцијата за целосно уредување на училишните дворови на скопските средни училишта градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска заедно со јавните претпријатија го посетија средното училиште на Град Скопје ,,Здравко Цветковски", каде на награден конкурс учениците од образовниот профил архитектонски техничар, направија анализа на потребите и барањата на сите ученици и согласно тоа изработија повеќе идејни решенија.

По детална разработка на проектите, учениците групно работеа на решенијата и детално изработија вкупно 20 проекти кои ги презентираа со 3Д анимации. Од најдобрите проекти се избрани по два елемента кои се вклучени во финалниот проект за уредувањето на училишниот двор.

Град Скопје отпочнува со активностите за партерно и хортикултурно уредување на дворната површина во училиштето од 15.000 метри квадратни, со акција за засадување на дрвја и садници, нова тревна паркова површина, поставување нова урбана опрема која дополнително на средношколците ќе им овозможи пријатен престој на отворено во катчиња во кои ќе може да се дружат, ќе имаат можност за организирање на предавања и едукативни работилници.

Целта на овој проект е да се поттикнат средношколците и во ова наше училиште за зачувување, одржување и негување на животната средина, како и да се креираат нови паркови површини и фитнес зони. Оваа активност произлегува од програмата „За Модерно Скопје“ и е предвидено да се реализира во сите 23 градски средни училишта, во соработка со градските јавните претпријатија.