ДЕТСКИ ЕДУКАТИВНИ ИНСТАЛАЦИИ 15.11.2017

Градот Скопје по спроведената постапка за јавна набавка и објавениот Конкурс за избор на идејно решение и реализација на детски едукативни инсталации во парк „Македонија“, парк шума „Водно“ и Градски парк во Скопје, бр. 17/2017 од 06.02.2016 година,  на тема: „Во имагинарниот свет на децата“, потпиша договор бр. 08-3760/10 од 15.05.2017 година, за реализација и изведба на детски едукативни инсталации на овие три локации. 

 Договорот е потпишан  меѓу Град Скопје и СТРИМФОРМ ДОО - Скопје,  претставувана од  Горан Дамјаноски.

За реализација на овој проект  Градот Скопје од Буџетот издвои 4.708.200,00 денари со пресметан ДДВ.

1.Просторна инсталација „ Љубопитните орли“.

Станува збор за дел од  зелената паркова површина на просторот на Средно Водно помеѓу Хотел „Водно“ и  Жичницата  во општина Центар.

Просторната инсталација „ Љубопитните орли“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови и тоа:  композиција од 4 орли, како и правилна геометриска структура која претставува асоцијација на просторот – налик на трон на кој тие стојат. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина  која треба да биде ласерски отсечена во саканата форма. Композицијата да биде составена од рамнини и волумени кои меѓусебно се заварени до заоблен профил за поголема безбедност. Подлогата ќе биде направена од излиен бетон во калапи од посакуваната форма. Бетонот треба да биде избоен со соодветна боја за бетон, отпорна на атмосферски влијанија.

2. Просторна инсталација „Жабецот принц“

Станува збор за дел од зелената паркова површина на просторот помеѓу Луна паркот и кафулето „Централ парк“ во општина Карпош.

Просторната инсталација „ Жабецот принц“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови и тоа:  Композиција од жаби (од кои едната е принцот) како и правилна геометриска структура која претставува асоцијација на листови. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина  која ласерски се одсекува и потоа заварува до саканата форма, а потоа електростатски се бојадисува со трајни бои со што се остварува посакуваниот изглед. Подлогата ќе биде направена од излиен бетон во калапи од посакуваната форма. Бетонот треба да биде избоен со соодветна боја за бетон отпорна на атмосферски влијанија.

3. Просторна инсталација „Октоподот Хенк“

 

Станува збор за дел од зелената парковска површина на потегот помеѓу Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Јуриј Гагарин“ и  улицата „Братфордска“ во близина на националниот ресторант Македонска куќа  во општина Карпош. 

 Просторната инсталација „Октоподот Хенк“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови и тоа: Главата на октоподот, како и композиција од негови делови распоредени радијално околу главата. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина  која ласерски се одсекува и потоа заварува до саканата форма, а потоа електростатски се бојадисува со трајни бои со што се остварува посакуваниот изглед. Подлогата е направена од камена бела ризла чија слободна и променлива форма претставува асоцијација на аморфноста на морските бранови од кои излегува телото на октоподот.

Начин на исплаќање за реализација на просторните инсталации се одвива во три фази, и  тоа:

  • 1 ФАЗА – 20 % од вкупните средства предвидени за реализација и тоа за набавка на материјал (челик, челична ламарина, бетон, заштитна ограда, оплата).
  • 2 ФАЗА – 20 % од вкупните средства предвидени за реализација и тоа за обработка на материјалот (сечење, стругање, подготовка за бојадисување) и
  • 3 ФАЗА – 60 % од вкупните средства предвидени за реализација, односно по монтирање на сите елементи на просторните инсталации.