ШИЛЕГОВ: НЕМАМЕ ПРАВО ДА СТОИМЕ НА ПАТОТ НА ГАСИФИКАЦИЈАТА НА ГРАДОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА 29.8.2018

 

 Градоначалникот Петре Шилегов, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, денеска одржаа прес-конференција во врска со најавата за изградба на гасоводна линија на Водно. 

 

-       Одговорното користење на енергетските ресурси и заштитата на животната средина е наша заедничка обврска. Скопје и неговата околина не се изолиран остров од остатокот на Македонија. Заради тоа, немаме право да стоиме на патот на гасификацијата на другите градови во Македонија, особено на Тетово, Гостивар и Кичево. Оттука, изградбата на магистралниот гасовод  низ Водно е за доброто на сите – рече денеска Шилегов.

Скопје не може и не смее да биде жртва на овој процес. Заради тоа, во фазата на разговори и преговори со Владата на Република Македонија, Шилегов обезбеди главниот град да добие:

 

  • 43 милиони денари за повторно пошумување на Водно со средства обезбедени од МЕР, како директна законска компензација за уништеното зеленило;
  • Пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора со средства обезбедени од Владата на РМ, со што директно се влијае на спречување на поплави како оние во Стајковци и околината;
  • Владина поддршка за проектите за зелени коридори по должината на реките Лепенец и Серава;
  • 1 милион евра за градско зеленило обезбедени со пренамена на средства од Министерството за животна средина и просторно планирање;
  • Носење на закони за заштита на парк-шумата „Водно“ и на Матка во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, и
  • Приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасификациската/топлификациската мрежа на градот и нивно елиминирање од листата на загадувачи.

-       По ова јас и мојата администрација се разликуваме од нашите претходници. Ова е прв пат кога се чепка во Водно, а истовремено да биде обезбедена ревитализација на зеленилото. Водно досега никогаш не било заштитено и ревитализирано. Сето ова нас не прави многу поразлични од нашите претходници – рече во своето обраќање градоначалникот Шилегов.

Шилегов ја искористи приликата јавно да им се заблагодари на сите загрижени граѓани, како и на активистите за заштита на Водно за соработката. Со нивна помош Град Скопје успеа да ја смени трасата на гасоводот во еден дел од 4 километри за да се избегне поминување низ шума и да се намали ширината на трасата од 25 на 10 метри, а со тоа и дополнително да се заштити Водно од веќе зацртаната траса и издадената градежна дозвола. Трасата беше проектирана во 2015 година, а градежната дозвола издадена во декември 2016 година.

 

-       Ова е само доказ дека кога се има одговорна власт која го слуша гласот на граѓаните заедно можеме да ги задоволиме барањата и да го обезбедиме прогресот и на градот и на државата. За жал, не успеавме да постигнеме компромис за сите барања, но затоа успеавме да го изнајдеме оптималното решение – истакна градоначалникот Шилегов.

Заштитата на животната средина и понатаму останува еден од врвните приоритети на Град Скопје. Веќе оваа есен граѓаните на Скопје ќе почнат да ги чувствуваат придобивките од гасификацијата, а истото во иднина ќе биде овозможено за сите граѓани во Македонија.

 

По должината на трасата на гасоводот земјата ќе биде вратена во првобитната состојба, а на неа ќе може да расте ниско зеленило како и на постојните коридори на Водно за далноводи и за жичницата. Цевките на гасоводот ќе бидат подземни, без придружни надземни објекти, а градежните работи нема да бидат видливи од поголемиот дел од населбите во Скопје.