ОДБЕЛЕЖАНИ 73 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ ВО ТРЕБЛИНКА 24.3.2016

 
     
 

 

 

Во Салата на Советот на Град Скопје, денеска 11 март беше одржана комеморативна седница по повод 73 година од холокаустот врз македонските Евреи и депортацијата во логорот на смртта Треблинкa.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски,  на овој датум организира прием за претставници од Еврејската заедница и други странски дипломати во Република Македонија, одбележувајќи ја годишнината од депортацијата на 7.144 македонските Евреи во 1943 година.

Во салата на Советот на Град Скопје, пред присутните се обратија градоначалникот на Град Скопје, како и претседателот на Еврејската заедница во РМ, г-ѓа Берта Романо Николиќ.

- Вековната историја на Еврејскиот народ памети и бележи големи победи и светли подеми, но за жал, и големи трагедии и темни сеништа кои оставиле неизбришливи траги во меморијата на човештвото. На една од тие црни страници е забележана и депортацијата на повеќе илјади Евреи, наши сограѓани, во логорите на ужасот и смртта. И денес, на 11-ти март 2016 година, по толку изминати години, се сеќаваме на еден од најгрозоморните настани длабоко врежани во светската меморија – прогонствата и убиствата на Евреите, за кои човештвото сe уште докрај не го  најде одговорот, од каде поривот да се уништи цел еден народ. Секој 11-ти март со болка во душата се сеќаваме на тој мрачен ден, кога 7144 македонски евреи, наши сограѓани, беа депортирани во Треблинка и никогаш не се вратија во нивниот град, во нивното Скопје. И денес, кога се навршуваат 73 години од депортацијата на еврејското население, скопјани не можат да ги заборават своите вредни соседи – еснафи, сеќавајќи се со носталгија на Еврејското маало, на добрите и пријателски соседски односи и на долгогодишниот заеднички живот кој го граделе и негувале. Денеска им одаваме почит, не само на жртвите припадници на Еврејската заедница од Скопје и Македонија, туку и на сите други Евреи од Европа и светот кои ги загубија своите животи во Втората светска војна.Токму затоа во главниот град на нашата држава се отвори Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, 4-та институција од ваков вид во светот. Со тоа Скопје се впишува во мапата на градови кои се приклучуваат во одбележувањето на една од најголемите трагедии на човештвото. Припадниците на Еврејската заедница како во минатото, така и денес, оставиле и оставаат траен белег во градењето на идентитетот на Скопје како развиен културен, стопански и образовен центар на нашава држава. Сите заедно, исправени пред предизвикот да бидеме подобри луѓе и никогаш да не дозволиме на нашите поколенија да им се вратат сеништата од минатото, градејќи ја денешнината, мора да се стремиме кон подобро утре, кон заедничка просперитетна иднина за сите граѓани на нашава држава и на ова наше Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Николиќ му се заблагодари на градоначалникот на Град Скопје, за почитта што секоја година му ја оддава на еврејскиот народ одбележувајќи го овој датум, за да се запамети и никогаш да не се заборави.

- И годинава, сме тука, повторно на 11 март 2016 година, односно, 1 адар 5776 година, собрани во спомен - сеќавање на Холокаустот на 7144 Евреи од Македонија. Овие мартовски денови го чествуваме како и досега овој пат седумдесет и трета година по ред, одново и одново со тага и гордост сеќавањето на нашите предци што не ги запознавме: - од Битола од кајшто беа депортирани 3276 Евреи, се поклонивме пред споменикот во Штип што остана празен за 534 Евреи и се вративме тука во Скопје каде што бевме во некогашниот Монопол од каде што тргна транспортот без повраток во Треблинка. Токму тука во Скопје дојдоа поголемиот дел од преживеаните Евреи и останаа до крајот на својот живот. Ја запишуваа историјата на скопските Евреи од предвоеното Скопје, на Eврејското маало кое се наоѓало од Калето кон реката Вардар каде што од десната страна се наоѓал Народниот театар. Наоѓаме и податоци за Евреите во Скопје што потекнуваат и од друг период.Уште од 1497 година од автори како Марин Сануто од Венеција, во 1546 година од патописецот Пјер Белон, од Никола Де Николе во 1551 година како и од еден анонимен автор во патописот од 1559 година кои опишувајќи го градот Скопје истакнуваат дека во него живеат многу Евреи коишто се занимаваат со трговија и занаетчиство. На мојата генерација, ќерки и синови на преживеаните од холокаустот на Евреите од Македонија и на нашите наследници, ни го оставија аманетот да го продолжиме еврејскиот ланец откинат и стопен во Холокаустот. Да ја додадеме празната алка што одново го продолжува еврејското опстојување во Македонија и тука во главниот град Скопје - рече претседателката Николиќ.

На комеморативната седница ученици од ОУ„Круме Кепески “ прочитаа свои лични творби во кои беше опфатен животот на Евреите во Македонија.

Денеска, делегација составена од Бинаса Љимани, Зурија Саит и Љупчо Трпевски, советниците во Советот на Град Скопје, положи цвеќиња пред споменикот на местото од каде што пред 73 година почнала депортацијата на македонските Евреи, во кругот на Тутунскиот комбинат – Скопје, пред Споменикот на 7 144 македонски Евреи на градските гробишта во Бутел, како и  пред Споменикот на паднатите борци на гробиштата во Бутел.