ВЕЧЕР ПОЧНУВА 42. МОТ 15.11.2017

На програмата на 42. фестивал Млад отворен театар (МОТ), кој ќе се одржува од денеска (28 октомври) до 4 октомври, се вкупно 18 претстави.

Програмата оваа година е поделена во четири категории, и тоа: главната меѓународна програма, МОТ МК Прегледот, МОТ+ програмата, како и придружните фестивалски содржини и програми.

Во рамките на меѓународната фестивалска програма, ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.

Словенско Младинско Гледалишче од Љубљана на сцената во МКЦ, вечер во 20 часот, ќе го отворат фестивалот со „проблематичната“ „Нашето насилство, вашето насилство” на хрватскиот режисер Оливер Фрлиќ, со која режисерот и ансамблот на свој начин ја изразуваат својата критика спрема Европа и нејзината дволичноста во поглед на емигрантската криза . 

На првиот фестивалски ден ќе бидат изведени  и претставите „Силјан Штркот шанца“ на МНТ, ХНК „Иван Зајц“ од Риека и „Експеримент“ на театарот „Артопија“ од Македонија.

И на вториот фестивалски ден  /29.09.2017 год./ меѓународната програма ќе биде прикажана на сцените во МКЦ. Од 20 часот, ќе биде прикажана приказната на БНП Зеница за поврзаноста на градот и нивната фабрика, претставата „Мојата фабрика“ во режија на Селма  Спахиќ а, од 22 часот на сцената ќе бидат распослани 2000 минијатури, макети и видео во живо, за мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив Agrupacion Senor Serrano од Барселона.

 Во сабота /30.09.2017 год./, на сцената на Театар Комедија, ќе биде прикажана луцидната претстава „Лебенсраум” во изведба на театарската трупа на Jakop Ahlbom, од Амстердам, Холандија.

Сцената на Кино Култура ќе биде домаќин на  танцовата трупа BadCo од Загреб, која повеќе години е значаен дел од современата танцова сцена не само во Хрватска, туку и во Европа, а годинава за прв пат доаѓа на МОТ. Тие ќе се претстават со „Еден сиромашен и една нула”, претстава која е курирана за програмата од страна на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата - Локомотива од Скопје.

По подолго време и Азија на МОТ. Иранската претстава „Сослушување” во режија на Amir Reza Koohestani, а во изведба „Mehr Theatre Group” од Техеран – театар кои е многу присутен на европските сцени и фестивали последните години, како и освојувач на многубројни награди за своите продукции, ќе биде прикажана на сцената во МКЦ во понеделник со почеток од 20 часот.

„Хор на сираци” не е емотивна приказна за сираците, туку универзална приказна за човечката осаменост. Оваа претстава без текст е во режија Jerzy Zon, а во изведба на современиот полски театар КТО од Краков. Претставата ќе биде прикажана во вторник на сцената во МКЦ.

Истата вечер, на сцената на Кино Култура, ќе го видиме и документарниот театар Vox Populi од Софија, со претставата „Мир со вас“ кој ќе ни проговорат за мигрантската криза раскажана преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари, кои имаат допир со странците.

Последната фестивалска вечер од официјалната програма е резервирана за Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ, кои сеќевајќи се на минатото ќе го прикажат нивниот авторски проект „Не срамам од моето комунистичко минато”. Претставата е во продукција на „Stand up tall”, од Брисел, Белгија.

Оваа година МОТ фестивалот, повторно во својата програма го вклучува МОТ МК Прегледот. Оваа програма е составена од избор на домашни продукции кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, а се со цел нивно натамошно дистрибурирање по сцените надвор од нашата држава. Во оваа селекција ќе бидат прикажани: „Експеримент“ на Артопија, во режија на Јане Спaсиќ, „Силјан штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и „Разговор во четри очи“ во режија на Нина Николиќ, и двете продукција на МНТ, потоа „Шумата на моето дрво“ на Северно од Импакт – во режија на Александар Ивановски, „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар во режија на Андреш Урбан, како и двете продукции на Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ, и „Лерин, полиља жито, ридишта крв“ во режија на Слободан Унковски.

МОТ+ програмата ќе ја сочинат три продукции. Во Кино Култура ќе биде прикажана „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, а во Мала Станица ќе биде прикажана мултимедијалната претстава „Бакнати од сонцето“ во продукција на Театар Пи, во која актери се деца со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ од Скопје. Како дел од МОТ+, во сабота на 7 октомври, на плоштадот Македонија ќе го проследиме и мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореа.

Во рамките на придружната фестивалска програма, ќе бидат организирани две работилници: работилница за светло водена од Крис Јагер, искусен дизајнер на светло со над 30 годишно искуство во оваа професија, како и работилници за танц под менторство на Скопје танцов театар од Скопје.  Во рамките на придружните програми на МОТ ќе биде претставен и перформативно-истражувачки проект „Кога зградите би зборувале” во продукција на фестивалот Акто, а присуството на BadCo од Хрватска ќе биде искористено и за предавање од истакнатиот професор Горан Присташ од Загрепската академија за драмски уметности, кој ќе одржи предавање на темата „Институции, дела, работа“, посветена на формата и начинот на функционирање на културните институции. Како продолжување на издавачката дејност на МОТ, оваа година ќе биде промовирано новото издание на книгата „Филозофија на паланката“ од Радомир Константиновиќ.

Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick - Холандија, и Elektro Guzzi од Австрија.

42. издание на фестивалот МОТ е во организација на ЈУ Младински културен центар од Скопје, финсиски е поддржан од Град Скопје со 2.500.000 денари и од Министерството за Култура на РМ, со вкупен буџет од  7.500.000  денари.

Билетите за претставите, дел од МОТ МК Прегледот, во предпродажба се 200 денари, а од почнувањето на фестивалот, односно од денеска /28.09.2017 година/ се 300 денари.

Билетите од меѓународната програма се 250 денари во претпродажба, а 350 денари по отворање на фестивалот.