ОДБЕЛЕЖАНИ 54 ГОДИНИ ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ 18.8.2017

 

 

Вчеравечер, /26 јули 2017 година  (среда)/, во Музејот на град Скопје, по повод одбележувањето  54 години од катастрофалниот земјотрес што со својата уривачка сила во 1963 година го претвори Скопје во урнатина и голем број граѓани ги остави без своите домови, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ја отвори изложбата „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман од Дрезден, Германија.

- Педесет и четири години по катастрофалниот земјотрес, денеска , на 26 јули 2017 година сме тука во Музејот на Град Скопје да се потсетиме на жртвите, на активизмот на преживеаните и на штетите од моќта на природата, но и на хуманоста, на модернизацијата и на новиот почеток. Скопјани го паметат утрото во 5 часот и 17 минути на 26 јули 1963 година и во одредени пригоди  прераскажуваат за стресот што го доживеале и за настраданите соседи и роднини, но и за урнатините што зад себе го оставил најсилниот потрес од серијата земјотреси. Вообичаено современиците раскажуваат за 17 секунди тресење, за пустошот што го стави земјотресот, но и за тоа дека претходната година реката Вардар го претвори градот во езеро, при најголемата поплава во современата историја на Скопје. И по почетниот шок, скопјани се исправаат пред предизвикот да ги откопаат затрупаните, достоинствено да ги погребаат загинатите, да ги санираат штетите на своите домови и на домовите на соседите. Во рамките на своите можности институциите на градот и државата ги расчистуваат купиштата градежен материјал од урнатите и организираат лигистика за основните животни потреби на граѓаните.Таа 63- та, веста за пустошот што го остави катастрофалниот земјотрес бргу се прошири низ светската јавност, а хуманоста на светот не изостана. Скопје го добива епитетот град на солидарноста и забрзано се развива во модерна урбана средина. Пет деценискиот сон на скопјани да се возобноват Театарот и официрскиот дом се оставари пред неколку години со помош на претходната Влада, а во МНТ веќе се играат претстави, а зградата на офицерскиот дом е во изградба...  Се изградија и многу други институции по должина на кејот на реката Вардар, музеи, спомен обележја кои зборуваат за нашата тешка историја низ која чекориме..  но одиме напред и после сите предизвици ... – истакна градоначалникот Трајановски.

На изложбата насловена АрхиТРАНСформа-Archiбелези, од авторите арх.Јасминка Намичева и арх. Екатерина Намичева преку презентирани архивски документи,фотографии и реконструкции на градбите, е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот помеѓу двете светски војни(1918-1941година).Презентирањето теми преку кои се рехабилитираат/реконструираат мемориски матрици кои граѓаните на Скопје ги носат во себе веќе 54 години, секогаш, претставува огромна одговорност и кон живите и кон починатите граѓани  на овој град.

Изложбата навидум само прикажува градби кои ќе рехабилитираат во колективната меморија слики од Скопје од изминати десетлетија, сеќавања завиткани со превезот на љубовта спрема овој град, која ја негуваат генерациите скопјани што го изживеале тој свој младешки живот.Но истовремено,овие градби,и ваквото Скопје е далечно минато и туѓо време за генерациите кои ги апсорбираат и градат сопствените кодни слики од сегашниот момент на живеење.

Секоја генерација во своите сеќавања вградува сопствен отпечаток од сликата за градот-составена од градбите останати како белези од изминатите времиња,(АРХИбелези) или пак од оние што во моментот никнуваат и го трансформираат/подмладуваат архитектонското лице на градот.

И едните и другите-дела на вешти неимари,народни градители,наобразени архитекти, планери, конструктори, дизајнери-сите се дел од културната матрица која секој од нас ја носи како белег од својот град,но и по која не препознаваат насекаде во светот. И сега и во иднина.Токму затоа авторите на изложбата сметаат дека,архитектонските примери изградени безмалку пред столетие,би било корисно,уште еднаш да бидат анализирани како  искуства во кои   биле вешто вградени некои предходни градителски традиции, но при тоа имајќи силно чувство за современиот момент и печатот кој тие  градби задолжително треба да го носат.

Изложбатата којашто е составена од фотографската серија „Concrete memories“ беше направена преку програмата за културна размена по повод 50 години од збратимувањето на градот Скопје и градот Дрезден, Германија.

Користејќи фотографии од типични модернистички згради, впечатливи детали, интериери и простори како основа за фотографски рекомбинации, овие колажи сакаат да ги запаметат културните, естетичките и историските вредности на тоа модернистичко архитектонско наследство. Матијас Шуман е роден во 1973 во Радебојл, Германија. Живее во Дрезден. Како фотограф користи „freelensing“ техника (документарист), а куратор е во галеријата „Neue osten“, Дрезден. Работи за разни агенции за вести и весници (Reuters, Getty Images, EPD, n-ost).Фотографската дејност на Матијас Шуман е концентрирана на Источна Европа. Куратор е на низа изложби во Паншвиц кукау, манастирот св. Мариенстерн, Лужица, концентрирани на „Behinderte Kunst“ („Инвалидна уметност“).

Шуман студирал масовни медиуми и медиумски науки, политички науки и психологија на Универзитетот во Лајпциг, вклучувајќи студиски посети (фотоновинарство) во Атина/Охајо/САД.