ГРАДОТ СКОПЈЕ ДЕЛ ОД МЕЃУНАРОДЕН ПРОЕКТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ 19.3.2018

 

 

Деновиве Скопје е домаќин на работилница во рамки на меѓународниот проект „Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Енергетска ефикасност“ (Open regional fund for South-Eastern Europe – Energy Efficiency).

 Овој проект е предводен од ГИЗ - Германско друштво за интернационална соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit) и во него учествуваат поголем број држави од Југоисточна Европа: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и Хрватска како држава модел.

Овој проект се фокусира на енергетската ефикасност преку одржлива урбана мобилност кај градовите од Југоисточна Европа, и претставува надградба или продолжение на досегашните проекти и активности што произлегоа од Писмото на намери коешто беше потпишано на меѓународната конференција во Берлин во април 2017 година, како дел од „Мрежата на енергетско ефикасни главни градови од Југоисточна Европа“ (Network of Energy-Efficient Capital Cities in South-East Europe). На овој состанок ова писмо на намери беше потпишано од градовите Скопје, Подгорица, Тирана, Приштина, Сараево и Загреб, како и од германскиот град Фрајбург, како град модел за добри практики.

На работилницата, покрај вработени во администрацијата на Град Скопје, учествуваа и претставници од градските јавни претпријатија, од поголем број  министерства, општини и претставници на поголем број здруженија на граѓани. На средбата пред присутните се обратија поголем број претставници од Германското друштво за интернационална соработка кои говореа за целите на проектот, начинот за учество и бенефитите што произлегуваат од истиот.

Претставниците на Германското друштво за интернационална соработка денеска остварија и средба со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов каде му го презентираа проектот.

Целта на проектот „Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Енергетска ефикасност“ е поддршка на градовите од Југоисточна Европа преку споделување  искуства и добри практики во областа на енергетската ефикасност во насока на реализација на заложбите и обврските за намалување на потрошувачката на енергија, зголемувањето на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на јаглероден диоксид.