Градот Скопје со партнерски организации и над 200 волонтери во акција за поубаво и почисто Водно 06.5.2022

Волонтерите учесници во денешната голема акција за чистење на Водно од Град Скопје, јавните градски претпријатија, Пивара Скопје, Пакомак, Мен енд Маунтен и амбасадите на САД, Швајцарија, Велика Британија и Холандија денес делуваат поделени во неколку групи за што поголем опфат и што е можно поголем број локации на планината. Една група се искачи на врвот на Водно и ја чисти пензионерската патека до Средно Водно, друга група го чисти асфалтниот пат, трета група е распоредена на потегот од Средно Водно до полициската станица - пешачката шумска патека, а четврта група  на Средно Водно ги чисти паркинзите.

Групи на волонтери го чистат и потегот кон Матка (еден километар), видиковецот, потегот кон Горно Соње и околу крстот. Сите волонтери на почетокот на акцијата се опремени со ќеси за отпад и заштитни ракавици.

Денешните активности за чистење на Водно се почеток на пролетниот дел од најголемата еко-акција досега „Генералка викенд 2022“, што од денеска до 8 мај ќе се спроведува во 26 општини ширум земјата. Акцијата за чистење во која активно се вклучи Градот Скопје е заедно со партнерите Пивара Скопје, Пакомак и компанијата Man And Mountain.