ОСЛОБОДЕНИТЕ ПЕШАЧКИ ПОВРШИНИ ВО СКОПЈЕ 24.9.2019

Изминативе две години во Скопје се посветува големо внимание на местото на пешаците во јавниот простор. Се создаваат простори што се безбедни, корисни и проточни. Се поставуваат дрвореди, зеленило и урбана опрема на местата каде што некогаш паркираа возачите. Безбедното пешачење и возење велосипед е врвен приоритет на Град Скопје. 

На крајот на европската недела на мобилноста, којашто оваа година беше посветена на пешачењето и велосипедизмот под мотото „Пешачи со нас“, Ви претставуваме неколку локации од нови пешачки површини во Скопје:

- Тротоарот пред Порта Буњаковец е збогатен со некогаш запуштена урбана опрема (бетонски огласници) на која е насликана улична уметност за попријатни прошетки на пешаците;

- Новиот тротоар на ул. Даме Груев до неодамна беше последниот нерегулиран и бесплатен паркинг во центарот на градот;

- На овој тротоар на Рузвелтова не можеше да се помине од паркирани возила од околните кафулиња;

- Тротоарот пред Трготекстил на ул. Кирил и Методиј е збогатен со улична уметност и саксиско зеленило за попријатни прошетки, но и заради блокирање на пристапот на возилата;

- Домашните миленици во Градски Sид, исто така, ги користат просторите некогаш наменети за паркирање на возилата;

- Тротоарот пред главната Пошта беше преплавен со возила до лани кога беше целосно ограден, а по должината на целиот потег беше засаден дрворед меѓу велосипедската и пешачката патека;

- Оградата на Васко Карангелески беше првично поставена за заштита на учениците од блиското училиште, но потоа тротоарот почнаа да го користат и рекреативците;

- Тротоар пред Министерство за Правда беше постојано окупиран од службени возила;

- Учениците од новото ОУ Киро Глигоров во Капиштец се целосно безбедни од локалниот моторен сообраќај;

- Првиот памптрак во Скопје пред Олимписки Базен беше отворен летоска за рекреација на децата и младите и подобро развивање на нивните вештини на тркала;

- Просторот пред Трготекстил на улица Кирил и Методиј е последниот ослободен простор и наместо возила, сега го користат цели семејства за своите прошетки низ градот;

- Тротоарот спроти Музејот на Град Скопје често беше окупиран од таксистите и од  посетителите на Рамстор. Денес е мешана пешачко-велосипедска патека;

- Новиот пешачки премин кај Олимпискиот Базен е создаден за побезбедно преминување на булевар Кочо Рацин, но и за подобро поврзување на автобуските станици од двете страни на булеварот;

- За безбедни школски денови и слободни тротоари, кај ОУ Кочо Рацин на Водно е поставена заштитна ограда и платоа за намалување на брзината на сообраќајот;

- Тротоарот пред Европски Универзитет ослободен од паркирани возила;

- Партизанска кај Зегин со улична уметност;

- Реконстриураната велосипедска и пешачка патека на бул. 8-ми Септември;

- На десетици локации низ Скопје се поставени паркинзи за велосипеди по барање на граѓаните;

- Тротоарите на Климент Охридски често беа зафатени од возила кои истовремено ја блокираа и велосипедската патека;

Сврти го градот без автомобил е нашата девиза, и во таа насока Градот Скопје ќе продолжи и во наредниот период да работи на подобрување на пешачката и на велосипедската инфраструктура. Истовремено, ќе продолжи градската нулта толеранција за непрописно паркирање и узурпација од возила на јавните површини. Скопје станува функционален град  кој обезбедува квалитетен живот за сите граѓани, особено преку поттикнување промена на начинот на транспорт од патувања со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт.