Трета седница на координативно тело на Градоначалничката Арсовска со скопските градоначалници 24.3.2022

На денешната трета седница на Координативното тело на градоначалниците од десетте скопски општини, тие дискутираа на повеќе теми, меѓу кои и за реализацијата на големата пролетна работа акција во сите скопски општини, како и за воведување засилен инспекциски надзор за зачувување на јавните добра и заштитата на животната средина. На денешната седница, стана збор и за подобрување на наплатата на данокот на имот во наредниот период.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги информираше градоначалниците дека градскиот инспекторат континуирано врши засилени инспекциски контроли за да се спречи уништувањето на јавните добра и заштита на животната средина, а побара и поголема вклученост од општинските инспекции во зачувувањето на урбаната опрема и садовите за отпад.

„Не смее да се дозволи самоволие на поединци и толеранција на сметка на уништување на јавните добра и уништување на животната средина, потребна е поголема вклученост на општинските инспекции во зачувување на јавните добра, сторителите да се казнуваат без исклучоци“, истакна Арсовска.

Во врска со пролетната работна акција, Градоначалничката Арсовска информираше дека реализацијата се одвива според предвидената динамика, надлежните градски и општински сектори се во постојана координација, со цел да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните при активностите во секоја конкретна општина.