РАБОТЕН СОСТАНОК ЗА ПЛАНОТ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА 05.3.2021

Мерките од усвоениот План за борба против корупцијата, со посебен акцент на мерките со кои се опфатени општините, беа главна тема на денешниот работен состанок меѓу претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

На средбата беше посочено дека борбата против корупцијата и криминалот е заедничка, и затоа од исклучителна важност е, во процесот да се вклучат сите чинители и да придонесат со навремено исполнување на задолженијата од Планот. Дел од предвидените мерки и активности општините треба директно да ги исполнат, а преостанатите се законски измени коишто ќе ја опфатат и локалната самоуправа.

Во однос на мерките со кои ќе се подигне нивото на транспарентност и отчетност на локалната самоуправа, се разговараше за имплементација на задолжението од Владата, со кое сите министерства и органи, но и сите општини и општини во Градот Скопје, имаа рок од 30 дена да ги објават на своите веб-страници сите информации, односно 22 документи, како услов за да ги добијат средствата кои им следуваат од централниот буџет. Притоа, врз основа на досегашната евалуација спроведена од владината Работна група, се констатираше дека дел од општините веќе имаат постапено, но има и општини со ниско ниво на исполнителност по однос на препораката. Градот Скопје, според оваа евалуација,  е во групата општини со високо ниво на транспарентност.

На состанокот се разговараше за мерката којашто предвидува назначување на овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување, согласно со Законот за заштита на укажувачи.

Со цел враќање на довербата во институциите, Планот предвидува мерка преку која ќе се имплементираат препораките од невладините организации за  подготовка на план за соодветна измена на прописите од областа на административните службеници и вработените во јавниот сектор. 

Во таа насока, градоначалникот Шилегов посочи дека од исклучителна важност во спречувањето на корупцијата и подобрувањето на услугите што општините и Градот Скопје ги даваат на граѓаните е унапредување на процесот на дигитализација на документите што се издаваат, особено на документите за плаќање даноци. Со соодветни законски измени, нагласи тој, потребно е да се предвидат одредби за санкции за ненавремено постапување по предмети од граѓаните доставени до општините и Градот Скопје.

Во делот на мерката поврзана со јавните набавки, беше посочено дека Општините треба да донесат интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договорите и јавно да ги објават на своите веб-страници, што ќе резултира со квалитетни, транспарентни процедури на јавни набавки и договори.

Исто така, со Планот за борба против корупцијата е предвидено намалување на бројот на членовите на управните одбори, условите за именување членови во управни и надзорни одбори и нивна одговорност, висината на надоместокот да биде во согласност со одржаните седници.

На состанокот беше посочено дека на општините ќе им се препорача да подготват годишна Антикорупциска програма, што крајно ќе резултира со воспоставување ефикасен систем на мерки кои ќе овозможат превенција и борба со корупцијата.