ШИЛЕГОВ: ГРАД СКОПЈЕ РАБОТИ НА КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ И НА НИВНАТА РЕАЛИЗАЦИЈА 11.02.2020

Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година, а во минатата година остварени се вкупни приходи и други приливи во износ од 5,7 милијарди денари, што претставува остварување од  87,2% во однос на планот за 2019 година.

Остварувањето на приходите и другите приливи по поединечните буџети од кои е составен вкупниот буџет на Градот Скопје, во однос на планот за 2019 година е следниот:

- Основен буџет – 3,9 милијарди денари (88,5%)

- Буџет на дотации – 1,6 милијарди денари (95,2%)

- Буџет на самофинансирачки активности – 153 милиони денари (50%)

- Буџет на донации – 49 милиони денари или 34% остварување.

 

Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2019 година, се извршени во вкупен износ од 5,3 милијарди денари што претставува процентуално извршување од  82 % во однос на планираните расходи и одливи за 2019 година. По однос на остварувањето на расходите гледано по категории на расходи, тековно – оперативните расходи се остварени со 86,4 %, додека капиталните со рекордни 72% по однос на планираното.

На седницата пред советниците се обрати градоначалникот Шилегов, кој потенцираше дека управувањето со буџетските средства во 2019 година се темелело на принципите на ефикасност, ефективност и транспарентност во работењето што придонело за зголемена буџетска заштеда и оптимално користење на ресурсите.

- Остварувањето на приходите и реализацијата на расходите во 2019 година, споредено со последните 5 години бележи зголемување во дијапазон од 20 до 40 проценти, односно Град Скопје во изминатата 2019 година бележи најдобри резултати од досегашното свое работење како во приходниот, така и во расходниот дел – кажа Шилегов.

Гледано од аспект на извршување во ОСНОВНИОТ Буџет на Град Скопје за 2019, тековно оперативните расходи се остварени со 86%, додека капиталните имаат 74% на остварување во однос на планираното. Притоа, највисоко учество од 22,3% имаат расходите од ставка 482 - Други градежни објекти – капитални расходи извршени за изградба и реконструкција на улици и улично осветлување и друга комунална инфраструктура; потоа расходите од ставката 424 - Поправки и тековно одржување (со 14%) – расходи извршени за летно и зимско одржување на улиците, хоризонталната, вертикалната и светлосна сигнализација на улиците, јавното осветлување, градските гробишта, коритата на реките и др.

- Според тоа, слободно можеме да кажаме дека Градот Скопје во изминатиот период освен што посветено работеше  на подобрување на сервисните услуги, исто така, напорно работевме  на капитални проекти и нивна реализација инвестирајќи истовремено во повеќе области кои Град Скопје ги покрива согласно со надлежностите. Иако расходите се реализираа со забрзана динамика, и обврските се подмируваа редовно, ние како Град Скопје успеавме да ја задржиме и ликвидноста на едно завидно ниво, односно Град Скопје со своето домаќинско работење на 31.12.2019 година бележи салдо кое досега не се памети, поточно готовината на сите сметки со кои располага Град Скопје е во вкупен износ од 1.935.935.290 денари – потенцираше Шилегов.