Склучен договор помеѓу Град Скопје и Црвен Крст на град Скопје 20.1.2023

Новата година да мине во духот на хуманост и подадена рака, во која важно е секој од нас во рамки на можностите да помогне за оние лица што секојдневно се борат со студот, гладот и немањето основни услови за живеење, безбедно да го поминат зимскиот период. 

Континуирано превземаме мерки и активности за остварување социјална грижа и подобрување на квалитетот на живеење на бездомните лица, затоа што најважно е да се обидеме да помогнеме онаму каде можеме.

И оваа година овозможуваме непречено функционирање на Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица на Црвениот крст во Момин Поток, каде се згрижуваат од 150 до 180 лица.

Обезбедуваме поддршка на програмите за привремено прифаќање и згрижување на лицата бездомници со обезбедување дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена, советодавни услуги, во соработка со Црвениот крст на град Скопје.

Ја следиме работата на постоечките центри и со соработка со Црвениот крст на Град Скопје и невладините организации кои се активни на ова поле, развиваме програми и проекти кои водат во насока на проширување на капацитетите за привремено прифаќање и згрижување на бездомните лица.