Загадувањето во Скопје според IQAir 20.3.2021

Според последните податоци од 2020 година на IQAir, организација која што има за цел да овозможи пристап на навремени информации за квалитетот на воздухот, Скопје се наоѓа 380то место во светот.

За целите на конкретниот извештај, IQAir го споредува нивото на ПМ 2.5 во воздухот. Овие честички се значајни за загадувањето на воздухот а се мерат и со скопските државни мерни станици, покрај останатите кои го определуваат квалитетот на воздухот. Оваа платформа ги мери и останатите вредности но заради „тежината“ на овие суспендирани честички, на кои им се препишуваат бројни смртни случаи, овој годишен извештај се темели и споредува само податоци за нивото на ПМ 2.5 во воздухот. Според рангирањето на IQAir, воздухот во Скопје е умерено загаден, како што можеме да видиме и од нивната градација.

Доколку се земат превид само главите градови, Скопје се наоѓа на 17-то место оваа година но, и со тоа се бележи подобрување. Во 2018 година, од кога излегува ваквиот извештај, Скопје бил на 16-то место, а има позитивен тренд не само на позицијата на која што се наоѓа главниот град на РСМ туку и на намалување на номиналната вредности на нивото на ПМ 2.5 честички во воздухот.

Ако во 2018 година, во Скопје се измерени 34.0 µg/m³ ПМ 2.5 честички, оваа бројка во 2019 паѓа на 32.4 µg/m³ ПМ 2.5 во воздухот а во 2020 имаме 30.6 µg/m³.

Како што објавил The Guardian во текст во 2012 година нивото на ПМ 2.5 честички во Скопје бил дури 45 µg/m³. Што значи дека од 2012 до 2018 година има пад од 24,5% на нивото на ПМ 2.5 честички, додека секоја година, од тогаш има намалување на вредноста за 5, односно 5,5%.

Континуираниот пад на параметрите за загадување е охрабрувачки во насока на продолжување со имплементацијата на донесените политики за заштита и подобрување на квалитетот на животот во нашиот главен град.