ДЕНЕСКА СЕ ЗАТВОРА ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ЧИСТЕЊЕТО ОЏАЦИ 30.11.2019

Градот Скопје известува дека денеска се затвора Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2019 година. Со тоа, барања за субвенционирање за чистење оџаци повеќе нема да се примаат. До вчера, до 15 часот, во Архивата на Град Скопје се поднесени 395 барања за субвенции за чистење оџаци.

Целта на овој проект на Град Скопје е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне позитивни ефекти - подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците.

Со овој повик, Градот Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинствата и на другите субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари.

Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2019 година се затвора денеска (30.11.2019 година) согласно со точка 1, потточка 1.3 од овој повик и член 4 став 3 од Правилникот за користење на финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за субвенционирање на граѓаните и други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2019 година.