Соопштение за јавност 12.3.2024

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска заедно со екипи од скопското јавно претпријатие “Паркови и зеленило” извршија увид на обуката и ставањето во употреба на втората нова биокомпостара за ефикасно компостирање на органскиот отпад. Био компостарата е дел од системските решенија за третирање на биоразградливот отпад и произведување природно ѓубриво за зелените површини во градот. Со неа се овозможува ефикасно решение за справување со органскиот отпад за домашна, комерцијална и индустриска употреба, при што низ процесот на компостирање, сите видови органски отпад се претвораат во висококвалитетен компост.

Градот Скопје продолжува со реализација на проектите од програмата „За модерно Скопје“ за обезбедување на здрава животна средина за граѓаните, при што во рамките на реализацијата на еко мастер планот се промовира еколошко управување со органскиот отпад, а втората биокомпостара значително ќе придонесе за ефикасно справување со органскиот отпад.

Оваа нова автоматска биокомпостара е со капацитет на преработка од 1000 килограми биоразградлив отпад за 24 часа, со користење на еко аеробен метод при што се добива високо квалитетен компост подготвен за употреба во рок од 3 до 7 дена. Со овој начин на третирање на отпадот, значителено се намалува неговиот волумен, односно 1000 килограми био отпад се трансформира во 150 до 200 килограми компост, што е намалување за 80 до 85 проценти, со што се олеснува процесот за негово користење и складирање. Исто така, со процесот на компостирање значително се намалуваат трошоците за управување со отпадот, со тоа што од органскиот отпад се добива висококвалитетен компост за соодветна употреба во скопските јавни претпријатија.