НОВА ВОДОВОДНА И КАНАЛИЗАЦИОНА МРЕЖА НА УЛИЦА ВАРШАВСКА 01.7.2019

Градот Скопје преку ЈП Водовод и канализација, заедно со Општина Карпош, денеска ја почнаа изградбата на новата водоводна и канализациона мрежа на улицата Варшавска во скопската населба Тафталиџе.

-Градот Скопје интензивно врши градежни зафати, слични на овој се вршат и во општините Центар, Ѓорче Петров и Гази Баба. Овде конкретно има потреба од ваква интервенција заради несоодветното постапување на изминатите градски и општински власти, бидејќи интезивното градење не ја следеше соодветна инфраструкрура, заради тоа влегуваме во вакви зафати за да обезбедиме квалитетна вода и притисок. Изградбата на новата водоводна и канализациона мрежа ќе овозможи приклучување на новоизградените и на дел од постојните објекти на улицата, со што ќе обезбедиме во наредните 30 години да имаме подобро и поквалитетно водоснабдување и канализациона мрежа на овој дел од градот Скопје - изјави Шилегов.

Тој додаде дека скопската вода е втора во Европа по својот квалитет, потребни се околу 30 години да помине низ природните филтри водата од Шар Планина, по подземните патишта преку Полог и Жеден додека да дојде до нашите граѓани.

-Скопје и Виена се единствените градови во Европа кои имаат еден ваков природен филтер кој овозможува постојано снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење. Заради тоа со забрзан интензитет продолжуваме понатаму со развивањето на водоводната и канализациона мрежа за да обезбедиме поквалитетни услови за живот за сите наши сограѓани без разлика во кој дел од градот и кога го пронашле својот дом – кажа Шилегов.

Градоначалникот Шилегов нагласи дека Градот Скопје во текот на летово интензивно работи на водоводната, канализационата мрежа и на патната инфраструктура на целата територија на градот. Поради тоа, Шилегов уште еднаш ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности.

На почетокот на градежните работи за изградбата на новата водоводна и канализациона мрежа на улицата Варшавска во населбата Тафталиџе присуствуваа и Душко Весковски, директор на ЈП„Водовод и канализација“ и Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.