ЗАЕВ И ШИЛЕГОВ ГО ПРЕТСТАВИЈА ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА 01.3.2021

Градот Скопје и Владата на Република Северна Македонија денеска го промовираа изведбениот проект за реконструкција на Универзалната сала, изработен од архитектот Бујар Муча.

Овој култен објект ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. За проектот на денешната прес-конференција зборуваа градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев и неговиот автор.

- Дозволете ми да упатам голема благодарност до Владата, предводена од претседателот Заев, која одвои 120 милиони денари средства од Буџетот на РСМ за реализација на овој проект од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција. Универзална беше, е и станува  омилена културна институција на многу скопјани, за многу деца тоа е местото на првиот концерт или културен настан, а за мене тоа е доволно голема причина  и мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите. Идејата Универзална сала да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Ова не значи дека се откажуваме од идејата за нова концертна сала во Скопје, но нашиот приоритет е да ја отвориме Универзална во нејзиниот полн капацитет уште во текот на оваа година. На 8 март ќе биде закажана седница на Советот на Град Скопје на која ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект со што се создаваат услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да започнат градежните работи. Изградбата на Универзална ќе биде и голем придонес за „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028“. Град Скопје како институција игра голема улога во културниот живот во Република Северна Македонија и во нашиот град и убеден сум дека овие чекори што ги преземаме заедно со Владата ќе бидат добар пример како се поддржува културата. Универзална беше, Универзална останува дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата останува и понатаму инспирација за создавање нова уметност на задоволство на сите граѓани– рече градоначалникот Шилегов, на прес-конференцијата.

Пред присутните за деталите за проектот зборуваше архитектот Бујар Муча од проектантското биро „Мегарон инженеринг“. Тој објасни дека проектот го поделиле на две фази – едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе предложат решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и седиштата за да се направи сала што ќе блесне во својот сјај.

- Се задржува постојната форма на објектот, се прави внатрешна реорганизација на просторот, се уфрлаат нови современи материјали во фасадата пред се поради енергетската ефикасност, но и заради противпожарната заштита – појасни Муча.

За премиерот Заев овој објект има и историско значење како симбол на солидарноста во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес.

- Универзалната сала не собра уште еднаш, не собра ова култно место за скопјани и за целата наша земја како концертен и сценски подиум на кој гостуваа стотици познати ѕвезди од музиката од светот и од нашата земја и на која беа изведени стотици театарски и други изведби. Универзална е изградена со солидарни средства, како донација од граѓаните, хуманитарни организации и владите на Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Гвинеја, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Турција, Тунис, Уругвај, Цејлон, Чиле, како и странските туристи кои на денот на катастрофата се најдоа во тогашна Југославија. Универзална сала  во времето кога е изградена ја пренесе пораката во постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзината обнова, Универзална повторно ја носи истата порака, дека животот мора да продолжи. И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз, архитектот Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“ на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација – објасни премиерот Заев.