Арсовска одржа координативен состанок со директорите на градските јавни претпријатија – следува засилена реализација на планираните проекти 03.3.2022

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска одржа координативен состанок со директорите на сите градски јавни претпријатија со цел интензивирање на работните активности на терен и навремено отпочнување со поголем број на инфраструктурни проекти клучни за Скопје и скопјани.

На средбата се зборуваше и за досегашните работни активности на градските јавни претпријатија во насока на транспарентно и одговорно работење на истите и подобрување на услугите за граѓаните, а со цел креирање на подобра иднина со квалитетни услови за живот за секој граѓанин во Скопје. Во наредните неколку седмици, екипите на Јавните претпријатија ќе бидат секојдневно на терен со засилено темпо на реализација на предвидените проекти, но и во однос на редовното одржување.

- Изминатиот период беше добра можност за подготвителни активности и планирање за реализација на најавените проекти. Со почетокот на новата градежна сезона очекувам зголемен ангажман од градските јавни претпријатија, како и зголемена посветеност во реализацијата на планираните проекти за оваа година, но пред се, одржливи и ефикасни решенија кои значително ќе ги решаваат проблемите на скопјани – истакна Арсовска.

Координативните состаноци со директорите на Јавните претпријатија под Градот Скопје ќе продолжат и во иднина, се со цел навремена реакција секаде каде што ќе има потреба од каква било интервенција, како и во однос на усогласувањето на активностите на Градот Скопје и јавните претпријатија.