ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА МОСКОВСКА 03.7.2019

Екипите на Градот Скопје денеска ја започнаа реконструкцијата на коловозот на улицата Московска во општина Карпош. Увид во градежните работи на оваа делница изврши градоначалникот Петре Шилегов.

- Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на инфраструктурата под надлежност на Градот. Денеска сме на улицата Московска, каде што ја почнавме реконструкцијата на коловозот во должина од 690 метри, предвидено е да не чини околу 8,2 милиони денари и да се заврши во рок од 20 дена - рече Шилегов.

Реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Градот ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да обезбеди услови за одвивање на сообраќајот без создавање на сообраќаен метеж.

- Вечер ќе го затвориме мостот Гоце Делчев од 17 часот до 22 часот од ТЦ Мавровка во правец кон Владата, а утре во истиот период ќе го затвориме во обратен правец за да извршиме реконструкција на мостот - кажа Шилегов.

Во текот на изминатите месеци целосно беа реконструирани улиците Димитрија Чуповски, Љубљанска и Антон Димитров, а реконструкцијата е во тек на улиците Февруарски поход, Лазар Трповски, Ѓорче Петров, Лазар Личеноски, Московска и булеварот Партизански одреди.

Градоначалникот Шилегов, повторно ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности, бидејќи целта е на крајот во Скопје да имаме функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.