Соопштение за јавност 04.6.2025

За зафатот кој ЈП Водовод и канализација Скопје го заврши денес на кој со децении се чекаше, а се прави еднаш на 60 години за подобрување на водоснабдувањето, ќе ги цитирам Здружението на Инженери на Македонија:

ЧЕСТИТКИ ЗА ИНЖЕНЕРСКИОТ И ТЕХНИЧКИОТ ТИМ НА ВОДОВОД СКОПЈЕ - ПОСТАВУВА СТАНДАРДИ НА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ И САМОСТОЈНОСТ

Во време кога мнозинството државни институции и јавни претпријатија во Македонија реализацијата на сензитивни и технички комплексни активности им ги доверуваат на надворешни, најчесто странски компании, Ј.П. Водовод и Канализација – Скопје направи преседан вреден внимание. Со целосно внатрешни капацитети, сопствен инженерски и технички персонал успешно реализираше еден од најкомплексните технички зафати во последните децении: монтажата на игличест затворач-вентил на Железарскиот цевковод со профил Ф1600.

Оваа интервенција воопшто не беше рутинска туку стануваше збор за високо сензибилна операција, со реални ризици по стабилноста на системот и со потреба од прецизна координација и инженерска решителност и храброст. Тимот на инженери и техничари не само што се соочи со технички ризици како што се појава на воздушни џебови или потенцијално оштетување на клучните сегменти од мрежата, туку покажа и извонредна организациска зрелост: 70% од времето го насочија во детални подготвителни активности, а 30% во ефикасна и безгрешна изведба, која траеше цели 28 часа непрекината работа.

За разлика од други сектори, каде честопати домашниот инженерски кадар се маргинализира за сметка на „посмели“ надворешни изведувачи, овде сведочиме на спротивен пример – пример на доверба во сопствените сили и знаење. Овој успех не треба да остане незабележан. Тој испраќа јасна порака дека Македонија располага со способни, храбри и стручни инженери и техничари, подготвени да раководат со клучни системи и да изведуваат интервенции од највисоко ниво на сложеност.

Техничкиот тим на Водовод покажа што значи одговорност, стручност и посветеност, реализирајќи проект кој директно го зајакнува водоснабдителниот систем на главниот град и обезбедува сигурност за десетици илјади граѓани.

Успехот на овој тим не е само интерна победа, тоа е порака и предизвик до сите институции да им веруваат на своите луѓе и да им доверуваат сложеи задачи , бидејќи инженерите знаат да се справат со сите предизвици.

Инженери на Република Македонија

Од името на град Скопје сакам да истакнам благодарност до тимот на Ј.П. Водовод и Канализација Скопје кој под раководство на директорот Тони Миновски, беше целосно ангажиран и во подготвителната и во изведбената фаза на овој комплексен технички зафат за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, што е потфат кој се прави еднаш на 60 години за подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и за намалување на загубите на вода.



Со реализација на овој проект се подобруваат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулационен вентил во ново изведена мерно регулациона шахта со пропратна хидротехничка опрема, како и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод Ф 1600mm кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод Ф 700mm на булевар Александар Македонски кој се напојува од градскиот магистрален цевковод Ф 1600mm, преку ново предвидениот магистрален цевковод Ф 700mm, кој ќе биде поставен по должината на ново предвидениот бул.Хрватска. Со ваквото поврзување се создадаваат услови за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје.