Соопштение за јавност 04.10.2023

Средното училиште на Град Скопје „Панче Арсовски“ по повеќе од 60 години добива целосно реновирани спортски терени, новата училишна година учениците ја започнуваат со пристап до новото кошаркарско игралиште, по минатогодишната реконструкција на фудбалскиот терен. Со изградбата на овие терени се заокружува спортскиот комплекс во училиштето кој им овозможува на учениците и наставниот кадар одлични услови за одржување на наставата по физичко воспитување, спортување и рекреирање.
Терените изградени по највисоки стандарди, им овозможуваат на младите спортистите кои учествуваат во училишната лига, но и на сите средношколци од училиштето да тренираат и да се надоградуваат, а заедно надворешните спортски терени, фискултурната сала и училишната теретана се пријатно место за дружење и спортување.