ДОНАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА И ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ИЗГРАДБА НА ЗАБАВНИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ 08.3.2021

Одлуките за прием на донација на проектно-техничка документација за објект ЈУ„Универзална сала“ – Скопје, како и за изменување и дополнување на одлуките за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема - реквизити и нивно монтирање се главните точки за кои ќе расправа и одлучува Советот на Град Скопје на денешната седница.

Од првата одлука, Советот на Град Скопје треба да расправа за примање на донацијата на проектно-техничка документација за реконструкција и санација на Универзалната сала. За потсетување, обезбедени се 120 милиони денари средства од Буџетот на РСМ за реализација на овој проект од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција.

Советот на Град Скопје ќе расправа и за две измени на одлуки околу реализацијата за проектот за изградба на нов забавен парк во Градскиот парк, со која се предвидува продолжување на реализацијата на овој проект. Во насока на изградба на нов забавен парк, Град Скопје на почетокот на 2020 година донесе одлука за земање заем наменет за изградба на овој забавен парк, но поради новонастаната состојба поврзана со корона вирус (КОВИД – 19) оваа одлука се укина и средствата за задолжување се пренаменија за изградба и реконструкција на сообраќајници во Град Скопје. Со новите две измени на одлуките се предвидува фазно продолжување на реализацијата на овој капитален проект, каде што финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од Буџетот на Градот Скопје за 2021,2022 и 2023 година.

На денешната седница Советот ќе расправа и за Годишна сметка на Буџетот на Град Скопје за 2020 година, Годишниот извештај на Град Скопје за 2020 година, Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Аеродром, Општина Бутел, Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Сарај, Општина Центар, Општина Чаир и Општина Шуто Оризари  за реализација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град – Смарт Сити, Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка со Општина Чаир за проценка на недвижен имот за потребите на Општина Чаир, како и Извештајот за извршениот попис на средствата и изворите на средства на Град Скопје – Скопје со состојба 31.12.2020 година.