Арсовска: Градот Скопје и општините имаат ограничени средства, може да предложиме сет на мерки за излез од кризата 10.1.2022

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на вечерашното гостување во дебатната емисија Топ Тема на телевизија Телма, на прашањето дали градот ќе преземе некакви мерки за ублажување на состојбата со испораката на топлинска енергија во главниот град и дали воопшто има пари за некакви субвенции за граѓаните, Арсовска посочи дека градот ќе помогне со давање предлог мерки.

„Давање предлог мерки е она што можеме да го направиме со оглед на практиките кои што ги има не само во регионот, туку и низ цела Европа, едноставно можеме да понудиме мерки со кои што ќе се ублажи ценовниот шок за граѓаните, затоа што за жал, како што знаете, општините во Скопје се наоѓаат во една незавидна положба, презадолжени се, а тоа се долгови што се влечат од пред извесен период. Ваквата моментална состојба не овозможува да се интервернира или да се преземе драстичен чекор, ние практично имаме свои трошоци кои што како град мораме да ги покриеме, а сите тие се во интерес на граѓаните, меѓутоа се премногу сложени за да можеме да интервенираме за вакви мерки, а притоа степенот на децентрализација на општините и средствата кои што тие ги добиваат за да можат да работат се навистина ограничени“ – истакна Арсовска. 

Градоначалничката Арсовска потенцираше дека сето она што Град Скопје го предлага како сет на мерки е по препорака од контактите што ги има од земјите од Европа, посочувајќи ја како пример Белгија која им помогна на компаниите кои што имаат склучено договори за снабдување со електрична енергија со економските оператори и тоа е еден од примерите кои треба да ги следи и имплементира и нашата држава.