Арсовска: Очигледно не е решено загадувањето како што се пласираше изминатите години 13.1.2022

- Активно и неселективно се прават контроли за детектирање на загадувачи во индустриските капацитети, но само онаму каде градот Скопје има ингеренции и смее да пристапи по закон да влезе и прави испитувања. Ова ќе го правиме во текот на целата година, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во нејзиното вечерашно гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21.

Загадувањето во Скопје беше една од темите на кои се разговараше, за што Арсовска вели дека загадувањето не било решено ниту минатата година како што се пласирало во јавноста.

- Она кое го напоменавте за мерењето на аерозагадувањето беше предложено од организациите кои активно се инволвирани во оваа проблематика, и тие веруваат дека со овие сензори ќе се детектира каде директно се загадувачите. Не толку да знаеме дали е загадено или не, иако е тоа евидентно, оваа година е идентично како минатата година. Очигледно загадувањето не е решено како што се пласираше изминатите години. Но, не треба да зависиме од климатските промени и временските услови. Треба да се работи на системски решенија. Конкретно во Скопје почнавме со она кое може да го направиме на краток рок, со оглед дека се уште го немавме изгласано буџетот. Почнавме со чистење на дивите депонии Од она што го детектирав за време на кампањата, од оние 120 депонии кои успеавме да ги најдеме, детектираме и сега исчистиме, некои дури и ги заградивме и има редовни контроли, за да не се дозволува повторно да се случи истото, и активно се казнува. Животот и здравјето на граѓаните не смее да се дозволува да се донесе во ситуација каде ќе бидат загрозени. На тие места активно биле горени и согорувани опасни отпади кои директно негативно влијаат на здравјето на граѓаните. И доколку некој сака да каже дека за 60-тина дена да се исчистат 120 депонии на територија на град Скопје не е нешто што е добро, немам што да кажам. Со буџетот кој го имавме на располагање, тоа е нешто што го направивме кое сметам дека никогаш не било направено, а можевме уште повеќе, и ќе направиме во следниот период. Инспекциските служби се секојдневно на терен, константно има вонредни инспекции и активно се следи од каде доаѓа загадувањето, вели градоначалничката Арсовска.