ВРЕМЕ Е ДА БИДЕШ АКТИВЕН – СКОПЈЕ ВЕЖБА НА ОТВОРЕНО 16.5.2021
Со почеток од утре, 17 мај, па во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога и атлетика. Проектот „Скопје вежба“ кој има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
- Градот Скопје преку професионални тренери ќе им овозможи на граѓаните на Скопје бесплатна физичка активност во текот на попладневните часови, од понеделник до петок. Нашата цел е кај помладите генерации да всадиме навики за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење. Сакам да се заблагодарам на Факултетот за оваа заедничка акција со која ќе овозможиме на Скопје и на скопјани еден поинаков пристап кон физичката култура. Се надевам дека на крајот на јули кога ќе заврши оваа активност ќе може со задоволство да ги констатираме позитивните бројки на граѓани кои ја искористиле оваа можност – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на проектот „Скопје вежба“.
Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. др.Ленче Алексовска – Величковска изрази задоволство што Градот Скопје препозна партнер во нивната институција која постои 40 години.
- Ќе изведуваме физичка активност во оваа пандемија која за жал се уште трае. Ќе ги почитуваме сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Првичната цел е да ја подигнеме свеста за физичката активност кај сите категории – и деца и адолесценти и возрасни. Тука зад мене се сите универзитетски професори, експерти кои што ќе бидат вклучени, зашто не е само да се вежба, туку треба да се одговори на многу прашања – колку да се вежба и како да се вежба за да се сочува и менталното и физичкото здравје – објасни Величковска.
Продеканот за настава на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Борче Даскаловски, пак, рече дека предизвиците на новото време и седалниот начин на живот доведуваат до многу здравствени проблеми кај граѓаните.
-Ќе дадеме еден импулс, една насока како треба да се работи во сите возрасни категории, како правилно да се вежба со примена на одбрани дисциплини коишто се многу актуелни во светот, а и кај нас, со кои ќе можат да се подобрат и да се поттикнат одредени метаболички и физиолошки својства на организмот, а со тоа да се подобри и здравствената состојба – рече Даскаловски.
За дневниот распоред на вежби во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните ќе можат да се информираат на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје. За вежбање се предвидени 6 локации -две локации во Градскиот парк; паркот кај„Три Бисери“ во Аеродром; паркот во Ѓорче Петров;кај Веро Тафталиџе во Карпош и паркот во Чаир.
Градот Скопје финансиски го поддржува овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.
Значајно е да се нагласи дека минатата година, во екот на пандемијата од Ковид 19, Градот Скопје адаптира дел од Програмата за спорт за 2020 година со цел на граѓаните,додека се дома,да им понуди стручно одржување на формата и здравиот начин на живот.Периодот на вонредни услови на граѓаните не им овозможи да ги посетуваат теретаните, фитнес студијата и спортските сали, па затоа Градот Скопје и тимот инструктори на скопјани импомогнаа да вежбаат дома за да продолжат со спортското живеење и физичката активност.
Вежбите беа проследувани онлајн на официјалнатафејсбук страница на Град Скопје и опфатија различни типови на вежбање, односно по неколку серии од фитнес-кросфит, пилатес и пауер пилатес, аеробик, ултимејт фит – функционален тренинг, кондициски вежби, како и вежби за атлетика и јога.
Оваа година продолжува периодот на вонредни пандемиски услови, но со полесни рестриктивни мерки, што овозможува граѓаните да се движат и да вежбаат на отворено.
- ВЕСТИ
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 14.11.2024 - Соопштение за јавност
- 13.11.2024 - Соопштение за јавност
- 17.10.2024 - Соопштение за јавност
- 13.10.2024 - Соопштение за јавност
- 13.10.2024 - Соопштение за јавност
- 13.10.2024 - Соопштение за јавност