СОВЕТОТ НА СКОПЈЕ ЌЕ ГЛАСА ЗА ПАМЕТНО ЈАВНО ОСВЕТЛУВАЊЕ И ПЛАТФОРМА ЗА ПАМЕТЕН ГРАД 17.12.2020

Развојниот план за изградба и одржување на паметно јавно осветлување на улици во надлежност на Град Скопје и платформа за паметен град на подрачјето на Град Скопје за период (2021-2023) година е една од главните точки за која ќе расправа Советот на Град Скопје на денешната 60-та седница. Со овој развоен план се утврдува дека Градот има потреба за имплементирање на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град (Digital City), базирана на најсовремена технологија, интернет на нештата (Internet of Things/IoT), која ќе овозможи поврзување на разновидните уреди и компоненти на платформата преку интернет, заради собирање на информации за точно разбирање на настаните во реално време, анализа на истите и преземање на соодветна акција.

 

Имплементацијата на системот за паметно осветлување предвидува набавка и инсталацијата на околу 10.000 нови ЛЕД светилки на сообракајниците, проштадите и јавните површини во надлежност на Градот, а со тоа значително ќе го модернизира постоечкиот систем и ќе ја унапреди енергетската ефикасност на Градот Скопје. Согласно иницијалните анализи, замената на постоечките натриумови и живини светилки со ЛЕД светилки како извори на енергетски ефикасно осветлување и дополнително користење на опцијата за нивна паметна регулација (димирање) на светлосниот интензитет, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување, од околу 70% во однос на постоечкиот систем.

 

Покрај паметното осветлување, предвидено е изработка на платформа за дигитален град, подразбира изработка и интеграција на модули за систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода, како и Градски портал за IoT.

 

На денешната седница Советниците ќе расправаат и за поголем број на програми за работа на Градот Скопје, каде ќе одлучуваат за Програмата за одржување на јавната чистота на подрачјето на Град Скопје за 2021 година; Програмата за украсување на градот Скопје со знамиња по повод државни празници и други прилики, во 2021 година; Програмата за спроведување на дезинсекција   на подрачјето на градот Скопје во 2021 година; Програмата за изработување на урбанистички планови на Град Скопје за 2021 година; Програмата за активностите на Градот Скопје од областа на средното oбрaзoвaниe во 2021 година; Програмата за за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје, за 2021 година; Програмата за активностите на Град Скопје од областа на социјална, детска и здравствена заштита, во 2021 година; Програмата за управување со отпад на подрачјето на Град Скопје за 2021, како и за Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје, за 2021 година.

 

Советниците на денешната седница ќе одлучуваат и за субвенции за јавните претпријатија, како и за Одлуката за доделување награда за постигнати резултати на Европското првенство во бокс за млади, со која е предвидено доделување на награда од 100.000 денари на Ардијан Аземи, за постигнатиот успех, освоен бронзен медал на Европското првенство во бокс за млади во Будва - Црна Гора, во тешка категорија од 91 килограм.