ШИЛЕГОВ УЧЕСНИК НА ПРВИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ ВО ПОДГОРИЦА 19.12.2019

Градоначалникот Петре Шилегов учествуваше и се обрати на првиот инвестициски форум во Подгорица на кој учествуваа градоначалникот  на Подгорица, Иван Вуковиќ, градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети, претседателот на Собранието на Белград, Никола Никодејевиќ, голем број  стопанственици и инвеститори од Балконот, Европа и  од светот.

- Убеден сум дека денешниов ден ќе биде одлична можност да размениме искуства од главните градови во регионот во делот на инвестициите и обезбедувањето на поволни услови за инвестирање во градовите со кои управуваме на локално ниво. Регионалните перспективи за инвестиции бараат интензивна соработка особено меѓу главните градови на нашите држави во најмала рака заради сличностите кои не поврзуваат и заедничкиот интерес кој не обединува како дестинации кои имаат огромен неискористен бизнис потенцијал. Од тие причини ја поздравувам оваа иницијатива на градоначалникот Вуковиќ да не обедини тука во Подгорица околу една ваква исклучително важна тема за која недоволно често имаме можност да разговараме – рече Шилегов.

Тој додаде дека Подгорица има многу што да им понуди на сите заинтересирани компании од Северна Македонија и регионот кои имаат потенцијал да ги шират своите бизниси минимум во соседните држави, а и пошироко.

- Исто така убеден сум дека секој од главните градови коишто ги претставуваме можат да понудат по нешто различно што како позитивна пракса може да се примени во друг град, што сите заедно ќе не придвижи напред во нашите локални и национални економии, но и на светскиот пазар. Во Северна Македонија инвестиционата политика во минатото била многу повеќе национална отколку локална тема, која главно била водена преку Владата и Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Тоа е состојба која актуелната влада на РСМ заедно со локалната самоуправа вложуваат напори да ја променат директно поттикнувајќи го локалниот економски развој. Секој град поседува свои локални специфики кои истиот го чинат повеќе или помалку атрактивна дестинација за бизнис инвестиции во однос на некоја друга - кажа Шилегов.

Пред присутните тој нагласи дека Скопје е град со над 600.000 жители, со исклучително поволна географска местоположба што обезбедува релативно добра стартна позиција кога се во прашање странските инвестиции.

- Во близина на Скопје се наоѓаат две Технолошки индустриски развојни зони – ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, а на оддалеченост од 30 односно 90 км од Скопје се наоѓаат и ТИРЗ Тетово односно ТИРЗ Штип. ТИРЗ Скопје 1 со површина од 140 ха се наоѓа на 10 км источно од Скопје, точно на раскрсницата помеѓу Пан-Европските коридори 8 и 10, наспроти Меѓународниот аеродром Скопје и Меѓународната железничка линија Север-Југ. Најблиското пристаниште е Солун и се наоѓа на 220 км оддалеченост.ТИРЗ Скопје 2 зафаќа површина од 95,46 Ха и се наоѓа веднаш до ТИРЗ Скопје 1.Директната авионска поврзаност со преку 40 дестинации во Европа, како и поврзаноста со железничката линија север- југ (Белград – Атина) го прават Скопје идеалното место за транзитен и дистрибутивен центар, особено за производите наменети за Европскиот пазар.Ниските даноци, ниските оперативни трошоци и трошоците за квалитетна и продуктивна работна сила, го прават Скопје атрактивна инвестициска дестинација која му гарантира на потенцијалниот инвеститор намалување на неговите трошоци и во исто време максимизирање на профитот.Директните бенефиции за странските инвеститори  и максималната посветеност на администрацијата на Град Скопје, само го потврдуваат истото, истакнувајќи го во прв ред воспоставувањето вистински партнерски и пријателски однос со секој инвеститор поединечно.Со учество од над една третина од вкупните инвестиции во основни средства, Скопје претставува центар за сите економски дејности во Република Македонија, освен за земјоделството. Ова е особено изразено за индустријата, трговијата, угостителството, сообраќајот, финансиските услуги и недвижностите, како и останатите услужни дејности кои имаат и најголем потенцијал за понатамошен развој – нагласи Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов кажа и дека Град Скопје активно партиципира во голем број европски проекти и иницијативи во чии рамки разменува значајни искуства, практики и иновативни решенија во насока на остварување на поставените цели за трансформација во паметен град во блиска иднина.

- Со реализација на проектот „Паметен град”, Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии. Сериозно е сменет концептот за прослава на новата година со организирање на зимскиот новогодишен базар Винтерленд кој веќе втора година нуди многу забавни содржини на градскиот плоштад во текот на декември. Ја користам оваа можност и да ве поканам да ја дочекаме заедно новата година со балканската ѕвезда Дино Мерлин на плоштадот во Скопје, заради кого собите во повеќето хотели во градот се веќе пополнети.  Сакам да нагласам дека Скопје се развива интензивно и затоа има многу што да понуди. Како градска управа имаме намера да работиме уште поинтензивно на ова поле и се надевам во некоја наредна можност кога вака ќе се собереме во Скопје ќе можеме подетално да разговараме на оваа тема за доброто на сите нас  – изјави Шилегов.

На првиот инвестициски форум во Подгорица  присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, со членовите на делегацијата од Град Скопје.