Шилегов предизборно импровизирал, реконструкцијата на Универзалната сала се одвивала по проект кој не гарантира безбедност 22.2.2022

Проектот за реконструкција на Универзална сала е подготвен нестручно и непрофесионално, од страна на претходното градско раководство, кое знаело за проблемите кои постојат при изведувањето на овој проект, но истото го сокриле од јавноста.

Факт е дека доколку претходниот градоначалник спровел соодветна анализа пред да се земе овој дониран проект по кој се изведуваат градежните активности, вакви проблеми немало да постојат.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска направи  целосен увид во состојбата на објектот, но и во техничката документација за изведување на реконструкцијата на Универзалната сала, каде е увидено врз основа на Извештајот за активности во врска со реконструкцијата и адаптацијата на објект ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, дека проектот е во две фази, реконструкција на фасада и кровен покривач, како и реконструкција и адаптација на внатрешното уредување за кое не постои ниту проект.

Во горенаведениот извештај е наведено дека изведувачот на почетокот на самата реконструкција се соочува со низа проблеми од обемен карактер, низа на неочекувани состојби со градежно коснтруктивните елементи, постојни темели на места каде се предвидени нови конструктивни елементи, кои се уредно евидентирани од страна на надзорниот орган и се констатирани како недостатоци.

 

Фактите се следни:

 

Со Записник број 1 од 06.07.2021, е констатирано дека се појавуваат проблеми во рамки на постојната состојба на објектот, односно неусогласеност на проектот, со постојната состојба на објектот;

Со Записник број 6 од 10.08.2021 година се констатира проблем со дислокација на трафостаница, како и проблем со армирачко-бетонските конструктивните елементи;

Со Записник број 7 од 17.08.2021 година е констатирано дека првичните испитувања со склерометарот евидентираат незадоволувачки параметри на армирачко-бетонска конструкција, како и незадоволителен број на арматура во истата;

Со Записник број 16 од 12.10.2021 се констатира препорака од Надзорниот инжинер за демонтирање или рушење на контруктивните елементи кои не ги задоволуваат карактеристите согласно Извештајот на ЗИМ. Одредени челични елементи се проценети како несигурни и опасни, како и елементи на чие место поминуваат новопроектираните конструктивни елементи.

Претходниот градоначалник Шилегов започнал да врши реконструкција и да споведува проект за кој во рамки на втората фаза не предвидел ни дека е потребен ниту проект за изведување, тоа говори само за непрофесионалноста со која се терала реконструкцијата на културниот објект.

СДСМ не треба да ја лаже јавноста туку да го праша претходниот градоначалник дали 120 милиони евра за реконструкција на Универзалната сала биле потрошени на објект чиј проект за изведување не соодејствувал со изведување на проектираните градежни активности и кој сериозно може да ја загрози безбедноста на граѓаните.

Градот Скопје не само што ќе ги поправа грешките на претходното градско раководство, туку и капиталните проекти важни за скопјани ќе ги врши професионално и кавалитетно, за да скопјани добијат безбедна Универзална сала, во која нема да има опасност да се сруши кровот во било кој момент и во која како културен објект ќе уживаат сите граѓани.