РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ НА ГРАДОТ И РАБОТАТА НА ГРАДСКИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ПРВАТА ПОЛОВИНА НА 2020 ГОДИНА 23.8.2020

Советот на Град Скопје на својата наредна седница која ќе се одржи во среда ќе расправа за Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2020 година, за периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година.

Во првото полугодие од 2020 година, вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од 2.106.982.589 денари, што претставува остварување од 27 % во однос на планираното за целата 2020 година. Споредено со истиот период од 2019 година, остварените приходите во првиот квартал од 2020 година бележат намалување од 8,4%. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првото полугодие од 2020 година, се извршени во износ од 2.474.614.811 денари, што претставува извршување од 31,8 % во однос на планираните расходи и одливи за 2020 година.

Во остварувањето на приходите на Буџетот на Град Скопје во првото полугодие од 2020 година, како последица од новонастанатата состојба со коронавирусот, имаме помал прилив на финансии средства во однос на минатите години.

За подмирување на реализираните расходи во периодот, Град Скопје искористи дел од пренесениот вишок на приходи од минататa година во износ од 560.814.638 денари.

Советот на седницата ќе расправа и за полугодишните извештаи за 2020 година за  работата на јавните претпријатија кои се во надлежност на Градот Скопје.

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје е едно од претпријатијата чија работа беше најмногу изменета поради пандемијата на Ковид-19, каде имаме намален број на километри поминати и патници. ЈСП-Скопје за првите 6 месеци од 2020 година работи со добивка во износ од 140,9 милиони денари, а ова во најголем број се должи на намалените расходи кои се за 21,7 % пониски од тие во истиот период од 2019 година.

ЈП „Паркови и зеленило“ во првите 6 месеци од 2020 година  работи со добивка во износ од околу 2,2 милиони денари, каде има приходи од 246,7 милиони денари а расходи од 244,5 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат подигнато ново зеленило на површина од 25.495, а реконструирано зеленило на површина од 35.027 метри квадратни.

 ЈП Комунална хигиена во првата половина од 2020 година оствари вкупни приходи во износ од  околу 604 мил. денари и во однос на истиот период 2019 година бележи намалување за 0,29%. Вкупните расходи изнесуваат 626.6 мил. денари и во однос на истиот период во 2019 година се зголемени за 7,43%. Од аспект на работата на претпријатието, во овој период собрани и транспортирани се 74.578 тон комунален отпад или просечно 410 тони дневно, од ПЕТ центрите собрани се и 5.170 кг. хартија и картонска амбалажа, 1.790 кг. ПЕТ амбалажа и најлон, како и 219.220 кг. стакло. Во овој период екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ имаат расчистено вкупно 7.081м3 отфрлен отпад од дивите депонии.

 ЈП „Улици и патишта“во првите 6 месеци од 2020 година  работи со добивка во износ од околу 9 милиони денари, каде има приходи од околу 182,4 милиони денари а расходи од 173,4 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат извршено асфалтирање на вкупна површина од 41.915 м2, што е за околу 9.500 м2 повеќе во однос на истиот период минатата година. Во овој период поставена е хоризонтална сигнализација на површина од 16.311 м2 (зголемување за 5.825 м2 во однос на истиот период лани). Во овој период поставени се и 233 нови сообраќајни знаци и 10 светлечки знаци, а механизацијата на претпријатието е искористено во расчистувањето на 42.322 м3 диви депонии.

 ЈП депонија ДРИСЛА Скопје за периодот од 01.01.до 30.06.2020 година има остварено приходи во износ од околу околу 139, 6 денари и расходи од околу 95,2 мил. денари, што значи дека е остварена добивка пред оданочување во износ од околу 44.4 мил. денари.  Во овој период на Дрисла се депонирани и обработени се 98.548 тони комунален отпад, 10.841 тони останат вид на отпад, 36,62 тони опасен отпад кој содржи азбест, како и 415.721 килограми медицински отпад.

 Покрај полугодишните извештаи за извршувањето на буџетот на Град Скопје за 2020 година и работата на јавните градски претпријатија, на седницата Советот на Град Скопје ќе расправа и за полугодишните извештаи за работата на јавните културни институции во наша надлежност, за прием и давање на повеќе донации, за одлуката за утврдување на локација за поставување на полнач за електрични возила, плановите за вработување во повеќе јавни претпријатија и културни установи за 2020 година, промена на дел од ценовниците за јавни услуги, како и за одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помал број на ученици во учебната 2020/2021 година во средните училишта на Град Скопје.