ДОНАЦИЈА НА „ЕКОЛОГ ИНТЕРНАЦИОНАЛ“ ОД 100 ТАБЛЕТИ ЗА ПОЛЕСНО СЛЕДЕЊЕ НА НАСТАВАТА ЗА УЧЕНИЦИ ОД МАТЕРИЈАЛНО НЕОБЕЗБЕДЕНИ СЕМЕЈСТВА 25.4.2020

Град Скопје доби донација од компанијата „Еколог Интернационал“ од 100 таблет– компјутери наменети за учениците од основните училишта кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства.

 

Градоначалникот Шилегов се заблагодари на компанијата Еколог за донацијата, потенцирајќи дека истата ќе придонесе во полесно справувањето со предизвиците кои ги наметна онлајн наставата, како една од мерките за справување со пандемијата на корона вирусот Ковид-19.

 

- Како единици на локалната самоуправа се трудиме да овозможиме услови за изведување на онлајн настава во домашни услови и за учениците од основните училишта кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства. За таа цел Еколог, како општествено одговорна компанија, на Град Скопје му донираше 100 таблет уреди, преку кои може да се следи онлајн настава, опремени со СИМ картички. Овие таблет уреди ќе бидат распоредени во сите 10 скопски општини исклучиво за учениците кои не можат да си дозволат од финансиски причини да набават било каков електронски уред преку кој би можеле да ја следат онлајн наставата – кажа Шилегов.

 

Градоначалникот Шилегов се заблагодари на семејството Дестани и компанијата „Еколог интернационал“ за донацијата.

 Тој потенцираше дека на овој начин наставно-образовниот процес ќе биде подостапен за сите, во услови кога сите мораме да останеме во своите домови со цел да го спречиме ширењето на коронавирусот. Тој уште еднаш апелираше до граѓаните да останат дома и да се придржуваат до одлуките и насоките од Владата и министерството за здравство во врска со корона вирусот.

 

Од компанијата „Еколог Интернационал“ изјавија дека ова е почеток на проектот и дека во иднина истиот ќе продолжи да се реализира и во други општини во државата.

 - Оваа донација е наменета за учениците кои останаа надвор од образовниот процес поради недостаток на дигитални уреди. Една од најважните работи што можеме да ја направиме заеднички за време на кризата е да се осигураме дека децата ќе ја продолжат наставата без пречки – изјави Лазим Дестани од компанијата „Еколог Интернационал“.