ГРАД СКОПЈЕ УЧЕСТВУВА НА ФОРУМОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОД ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА И КИНА, ВО ТИРАНА 25.10.2019

Одржливиот урбан развој е темата на четвртиот „17+1“ Форум на градоначалници на главни градови од Централна и Источна Европа и Кина, што денеска се одржува во Тирана, Албанија, а во кој учествува градоначалникот Петре Шилегов. Покрај претставниците од Кина, на овој форум учествуваат и градоначалници и претставници на локалните самоуправи од градовите Тирана, Сараево, Подгорица, Скопје и Белград.

На неколку панел дискусии учесниците во денешниот форум разменија искуства и позитивни практики за концептот на зелени градови, планирањето на просторот и за урбаната отпорност.

 

 

За искуствата од Град Скопје пред присутните зборуваше Никола Гаџовски, раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот. Тој во својата презентација се осврна на Генералниот урбанистички план на Скопје кој нуди решенија за идниот развој на градот, а го вклучува концептот на одржлив развој, Агендата 21 и Хабитат Агендата.

Гаџовски зборуваше за урбанистичкото планирање по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, за меѓународниот конкурс за уредување на центарот на градот, за важечкиот ГУП, намената на земјиштето и градските четврти.

 

 

Тој особено се осврна на плановите на Градот Скопје за унапредување на велосипедскиот сообраќај, подигањето нови зелени површини и уредувањето паркови, ослободувањето на пешачките површини и другите јавни простори од возилата, како и за визијата за Скопје и наредниот Генерален урбанистички план за Скопје 2022 – 2032 година.